Предраг Димитровски
Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, минатата недела го искара лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и му порача тој и партијата „да ја затнат муцката”. Притоа, тој само пренел, наводно, сугестии на важен западен дипломат во Скопје.
-Али Ахмети ја започна кампањата против референдумот за името. Изјавил дека нема сила што ќе го попречи договорот со Грција. Оваа неодговорна изјава на Ахмети може да ги одврати Македонците да го поддржат референдумот. Со тоа, Ахмети се оглушува на сугестиите на еден важен западен дипломат во Скопје, ДУИ да затне муцка затоа што со нивните несмасни изјави може да ги иритираат уште повеќе противниците на договорот во македонскиот камп, изјави Селмани.
За него, Ахмети е измамник и го минира референдумот затоа што е свесен дека ако тој успее, Македонија влегува во НАТО и започнува преговори за членство со ЕУ. „Демократизацијата и европеизацијата на Македонија го ограничува маневарскиот простор на измамници политичари произлезени од марксистички и ленинистички идеолошки кружоци во нивните напори да преживеат политички продавајќи магла на Албанците”, смета Селмани.
Сега се поставува прашањето зошто Ахмети треба да молчи, а Зијадин Села, на пример, не? Зашто, неговата Алијанса за Албанците испрати јасна порака дека при отворање на Уставот за промена на името, треба да има промени и за унапредување на позицијата на Албанците во земјава. Барањето, според партијата, ќе биде основано врз Охридскиот договор и заедничката Декларација на политичките партии на Албанците, потпишана по последните парламентарни избори, што меѓу граѓаните е попозната како Тиранска платформа.
„Верувам сите партии кои ја потпишаа декларацијата во јануари 2017 година ќе стојат на зборот и ќе го променат Уставот, со цел и Албанците да ја почувствуваат оваа држава како своја. Албанскиот јазик да биде службен, како што стои во Декларацијата на политички партии на Аланците, но и што беше дел од Охридскиот договор и преамбулата или државата да биде на сите граѓани или на Македонците, Албанците и другите заедници“, изјави за Алсат М, Арбен Таравари, од Алијанса за Албанците.
Дали молкот на Селмани треба да значи дека Села и неговата партија не треба да ја затнат муцката за да не ги одвратат Македонците од гласање на референдумот, дали тоа важи само за политичарите идеолошки обоени како марксисти-ленинисти, а овој не припаѓа таму?! Или сега за Села нема сугестии или, пак, покренувањето на прашањето за промена на Уставот за унапредување на правата на Албанците е токму сугестија на неименуваниот, но важен западен дипломат?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.