Годинешното петто по ред издание на Фестивалот за млади „Џифони Македонија“ ќе се одржува од 18 до 23 октомври во Скопје на тема „Во магијата на киното“.
Свеченото отворање е закажано за 18 октомври со почеток во 19.30 часот во градското кино „Милениум“ по што ќе следува македонската премиера на играниот филм „Ловење муви“ на младиот режисерот Изер Алиу, кој филмското образование го стекнал во Норвешка.
Интернационалното жири на петтото издание на фестивалот „Џифони Македонија“ ќе го сочинуваат над 700 млади од 13 држави од Европа на возраст од десет до осумнаесет години. Поделени во три возрасни групи, овие учесници на фестивалот заедно, како членови на жирито, ќе имаат можност да гледаат 15 играни филма од официјалната конкуренција, како и многу други кратки и документарни филмови.
Годинава овој фестивал за млади, покрај богатата филмска програма, ќе содржи и 11 работилници за филм, театар, музика и танц, средби со познати автори и актери, како и повеќе придружни активности.
Организатор на „Џифони Македонија“ е Здружението за медиумска писменост „Планет -М“. Секоја година од фестивалските учесници се избира група млади од Македонија кои во Италија учествуваат на најголемиот фестивал за млади „Џифони експириенс“, како и на други меѓународни фестивали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.