Триесет и шест дечиња на возраст од 9 до 12 години, членови на градскиот детски хор „Мали ангели“, утре, 15 јуни, со почеток во 19.30 часот, на т.н. камена бина на плоштадот во Прилеп ќе го одржат својот полугодишен концерт.
Хорот, којшто во Прилеп функционира од 2011 година, засега настапува само во Прилеп на различни свечености и манифестации.
Целта на хорот „Мали ангели“ е да ја развива музичката култура кај децата во Припел и во Македонија, да им отвори на најмладите од овој град нови хоризонти и да ги воведе во тајните на хорското пеење. За краток период „Малите ангели“ ги освоија симпатиите на домашната прилепска публика, а целта во иднина е да се одржуваат настапи и во останатите градови низ републиката, како и надвор од неа.
Концертот ќе го отвори градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески, кој, како и Министерството за култура на Р. Македонија, е постојана поддршка на дечињата од „Мали ангели“.
На програмата се дела од домашни автори и странски автори, дела од класиката, како и сплетови од поп-автори. Потоа преработки од изворни македонски песни со повеќе гласовни изведби. Делата се изведуваат под диригентската палка на проф. Славица Конеска–Темелкоска. „Малите ангели“ ќе покажат висок квалитет на вокална интерпретација докажувајќи дека оправдано се новиот бренд на град Прилеп и Македонија.
Медиумски покровител на манифестацијата е Македонската радио-телевизија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.