Кој не сака да биде мудар? Или, можно ли е дека мудроста доаѓа со староста, односно човек станува мудар тогаш кога и самото време за живот му ги скратува можностите за грешка… Џабе се сите предупредувања во младоста кога крвта и страстите одат рака под рака и го водат човекот на места каде што разумот нема пристап.
Тоа е една варијанта, имено, дека мудроста и знаењето се стекнуваат по пат на искуство, коешто, меѓу другото, подразбира и многу пати експериментот да биде неуспешен, да се повлече погрешната рачка, да се стисне погрешното копче, итн. Меѓутоа, тоа би значело дека сама по себе мудроста е бесмислена, ако се стекнува тогаш кога веќе и не е потребна. Во години, во доба кога човекот веќе е немоќен да згреши, мудроста сама доаѓа. Како епитаф.
Еден добар инструктор по возење имаше обичај да раскажува анегдоти за прерано загинатите, а одлични шофери, коишто само во едно нешто биле еретици: кога стискале на педалата за гас. Негова омилена досетка со педагошка заднина беше приказната за Џо. Кога ќе седнел во автомобилот, Џо толку брзал што никогаш немал време да погледне лево или десно, и дека бил „полн со себе“ и нетрпелив да ги почека другите први да поминат, дури и во ситуации кога тие имале право на тоа. Не, Џо прерано заминал од овој свет како жртва на некој многу сличен на себеси, а на неговиот надгробен споменик пишувало: Џо имаше предност…
Со таква практична мудрост вообичаено располагаат старите луѓе, и тие многу добро знаат дека кога некој е залетан со сета сила на своето ново „масерати“, нема начин што би му помогнал да го избегне удирањето во ѕид. Може ли да се избегне ова удирање? И како се стекнува мудроста? Извесно е дека таа не може да биде накалемена. Во неа нема ништо хибридно, ништо вештачко, ништо што може да се имитира. Нема мимеза, нема теорија, нема театар и гледање. Нема учење на туѓите грешки. Оти тие што така учеле, од книга или од туѓите искуства, тие не знаат, ниту поседуваат мудрост. Кваката е што во нашиот тродимензионален свет не постои софтвер за нејзино симнување, и единствениот начин за нејзина апликација е човековиот upload, па така за оние кои се мудри е вообичаено да се рече дека не се од овој свет…
Незнаењето е причина за правење грешки. Но, не секогаш искус(увањето)твото мора да значи дека ќе се случи грешка. На некого може да му се посреќи и воопшто да не греши или многу ретко. А, нели, мудрите велат дека среќата ги следи храбрите. Затоа добро е да се биде храбар, но во умерени дози. Да се дојде до работ на амбисот, и во мигот кога почнува паѓањето да се има храброст да се провери опцијата „летање“.
Народните мудрости изобилуваат со изреки кои се однесуваат на онаа животна дилема поврзана со доцнењето на менструалниот циклус на жената. Од кај да се почне? За љубов се потребни двајца? Танго и кеш? После е..ње нема каење? Маргаритас анте поркос?
Нема поголемо богатство на овој свет од здравјето. Физичко и ментално. Но, човек не секогаш е свесен колку е богат сè додека не го загуби богатството. Тогаш неговата желба да оздрави е посилна од сè. Барајќи го лекот за својата болест, тој научува дека да се сочува здравјето е уметност над уметностите и дека подобро е болеста да се спречи отколку да се лечи. Лечењето е авантура од која не се знае дали човек ќе извлече жива глава. Ризик.
Се разбира, кој ризикува, тој добива. Добивката е продолжување на животот со зголемена самодоверба и отворање нови видици. Губењето е уште поважна лекција. Тоа е кога падобранот не се отвора, а немаш друг избор. Битка со стравот и соочување со себеси. Добрата страна на овие битки е што се одвиваат со брзина на светлината, и што не боли. Сите што дожевеале клиничка смрт сведочат за вертикалниот тунел со светлина и дека не сакале да се вратат тука. Каде е тоа „тука“?
Дали тоа тука е условено од временската димензија? Дали да си тука, всушност, значи да си присутен во сегашноста? Дали болеста е еден вид отсуство, слично на смртта, коешто не е за секогаш, туку само привремено?
Прашањето за „абортусот“ не е толку прашање на медицината или моралот, колку што е прашање на личен избор, лична одговорност. Духовите се брануваат бидејќи секој сака да живее во средина којашто ќе соодветствува на неговите лични што ќе рече внатрешни критериуми за тоа што е слобода. А, тоа е точката во која поединецот и општеството се сретнуваат. Оваа средба може да е мирољубива, може да е љубовна, може да е воен судир, може да е битка до истребување. Но, пак, е избор во прашање.
Да се спречи болест, значи однапред да се промислува, да се превенира. За еден гинеколог абортусот е рутинска операција, слична како вадењето на слепото црево или, пак, она што за стоматологот е вадењето заб. Во животот на еден менаџер планирањето не е ништо туѓо или ново, но во менаџирањето на животот, умеењето да се направи добар план, кој ќе ги заобиколи сите високоризични ситуации, е една од главните вештини коишто човекот најпрво би требало да ги рецне на својата табула раса.
Значи, повторно се придава важност на ‘последица‘, а тоа не води кон решавање на проблемот. Причината за несаканата бременост во 99 % случаи е некакво незнаење, коешто може да се подели на разно разни подгрупи од типот: промискуитетност, полигамност и слични на овие. Можеби токму недостигот од сексуално образование во општеството е тоа што (општеството) по дефиниција го доближува или оддалечува од неговиот профил на либерално, односно конзервативно општество, а ова понатаму, во синџирот причини и последици, влијае и врз сите други области на животот во однос на неговиот квалитет?
Срамот и стравот. ‘Срамното‘ задоволство од сексот коешто, освен хедонистичката страна, ја има и функцијата на продолжување на видот, со мала деветомесечна екстензија (кај човекот) и стигмата на стравот да се биде отворен за табуата што ѝ се наметнати на цивилизацијата како закон, па макар на крајот тоа да биде и закон со кој недолжните фетуси (особено оние што никогаш нема да дојдат на овој свет) се ставаат во улога на гладијатори, а матката на женското тело станува арена, подиум на кој се судираат што тенденциозни, што извитоперени погледи на свет. Аве гинеколози, ве поздравуваат оние што ќе умрат!*
Срамот и стравот, двата главни блокатори, коишто го попречуваат поединецот да си ја преземе одговорноста за сопствениот живот сфаќајќи дека ниту општеството, ниту државата, ниту која било институција не можат да бидат носители на одговорноста да се биде слободен. Не е исто дали ќе се родиш во Африка, Кина, Холандија, Америка или Македонија. Фетусите немаат многу време за премислување…
* Референца на познатата античка изрека што ја извикувале гладијаторите пред да се појавел Цезар во арената: ave Caesar, morituri te salutant!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.