| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Јован Миронски во Музеј на град Скопје

Вечерва (вторник), 10-ти октомври, со почеток во 20 часот, во Музеј на град Скопје ќе биде отворена изложбата Избрани дела од Јован Миронски.

Ликовно творештво на Јован Миронски можело многу ретко да се забележи на некои групни изложби и оваа ретроспективна поставка е прва можност реално да се согледаат и да се забележат достигнатите вредности.

Можно е да се дојде до заклучокот дека Миронски, како и генерацијата ликовни уметници кои паралелно почнуваат да работат со него, веќе во образовниот процес биле насочувани кон модернистичките ликовни модели кои тие подоцна ги разработиле, некои од нив и ги радикализирале, и во низата години што следувале темелно го промениле ликовниот профил на средината.

За сето ова да биде возможно морало да биде присутен еден основен елемент – нивната отвореност и подготвеност за прифаќање на модернизмот и модерноста на општеството. Тие таквата отвореност ја имале во себе.

Можно е дека несвесната потреба на Миронски да наоѓа пластични решенија за ментални претстави кои можеби имаат врска со некои случувања од неговиот живот е главниот поттикнувач на неговите повеќедецениски опстојувања во светот на ликовната уметност. Неговите ликовни остварувања постојано како да се врзани за она што лично се однесува на него.

 

Јован Миронски е роден на 10 септември 1933 година во с. Тресонче, во Дебарската околија. Во 1942 година,  Миронски и неговото семејство, после нападите на балистите, преку планините пеш пребегуваат најнапред во Охрид, а потоа во Скопје. Тоа подоцна ќе стане мотив на дел од неговиот ликовен опус.

Средното образование го завршил во Скопје во 1952 година, Вишата педагошка школа во Скопје, во класата на професорот Вангел Коџоман, ја завршил во 1955 година, а дипломирал на Архитектонскиот факултет во Љубљана во 1963 година.

Како архитект има реализирано свои проекти во Скопје ( „Станбена зграда во низа“ и  два типа на станбени, индивидуални куќи во населбата 11  Октомври во 1965/66 година и „Административни и работни простории на Електродистрибуција“ во 1970 година во населбата Бутел), потоа „Планинарска куќа Бачило“ во Скијачкиот центар во Маврово во 1976 година, реконструкција и ентериерно решение на хотелот „Унион“ во Кичево во 1980(?) година, како и повеќе туристичко-урбанистички студии за повеќе локалитети во Македонија и поголем број на индивидуални и викенд-куќи.

Во текот на целиот свој живот Миронски со различен интензитет активно се занимава со ликовно творештво во повеќе ликовни техники.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top