Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со ГАЛЕРИЈА „КО-РА“- нов салон-сутерен- објект Ј.У.Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје , имаат чест да Ве поканат на 5 самостојна изложба на Стефан Димовски која ќе се отвори во вторник 10.10.2017 во 20:00 часот во галерискиот простор ГАЛЕРИЈА „КО-РА“
На изложбата авторот ке е претстави со 40-тина дела во комбинирана техника. Изложбата претставува еден експериментален приказ на можностите на акварелот како техника да се комбинира со други медиуми како акрилик, колаж, пастел, сепија, пигменти и останати медиуми. Примарниот акцент е даден на акварелот, но во одредени сегменти и кај одредени дела доминира колажот, или пак само суптилно се надоврзува акриликот….се тоа во зависност од моменталниот набој и експлозијата на енергија која се создава при цртањето. Повеќето од делата се работени во 2017 година, но присутни се и дела од последните неколку години кои го прикажуваат континуитетот, а воедно и укажуваат на еволуцијата во творештвото.
Роден е 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995. Долгогодишниот престој во Франција му увозможува да воспостави контакти со познати акварелисти, и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Во 2010/2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-тото издание на Интернационалниот каталог за модерна уметност (Италија, Рим) – MDS CATALOGO INTRNAZIONALE D`ARTE MODERNA no.11 (EDITRICE D`ARTE CIDA ROMA 2010/2011). Во 2011 добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12 саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. (FOIRES AUX CRОUTES DES PEINTRES ET DES AQUARELLISTES – Saint Raphael, France 2011).
Акварелот нуди големи можности за експериментирање и како ликовен израз од уметникот бара брза и вешта рака, суптилен колорит, специфичен ликовен јазик и познавање на техниката. Токму сето ова е присутно во творештвото на Стефан Димовски.
Дора Андова Фотева
Стефан со неговиот талент иницира нов почеток со особена посебност во сликарскиот јазик, акварели автентично, маестрално и лефтерно изведени со акварелната сликарска четка, ни наговестува голем мајстор во доменот на акварелот.
Милош II Коџоман
Потребата за себенадградување го довела Стефан Димовски да експериментира со можности на акварелот и градирање на изразот со употреба на други ликовни техники, како што се колажирањето, пастелот, акрилик па и сликањето на акварел на сликарско платно со што ги проширува хоризонтите за класично примање и перцепција на акварелот.
Горанчо Ѓеорѓиевски
Во својата рефлексија на пресозадaвањето Стефан Димовски имплицира повеќе аспекти на реинтерпретацијата на појавната стварност. Поместувајќи ги границите на самодопадливоста, неговиот експеримент во потрагата добива продлчабоченост во повеќезначноста на оркестрираната симболика.
Виолета Калиќ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.