| четврток, 6 декември 2018 |

Наумче Мојсовски: Цирих како Скопје

Наумче Мојсоски повторно ја потврди високата ракометна класа и со 9 погодоци во Цирих ја предводеше Македонија до мошне значајна победа над Швајцарија од 27-22, со што ширум ни се отворија портите кон Данска. Ни треба победа против Португалија в недела во Скопје за да играме на ЕП следната година. Наумче Мојсовски одигра фантастичен натпревар во Цирих откако со девет погодоци го предводеше македонскиот национален тим до значајната победа над Швајцарија. Според него, сепак играч на натпреварот се македонските навивачи, кои создадоа прекрасна атмосфера во салата во Цирих.

– Немам зборови да го опишам она што го сторија навивачите за нас. Создадоа атмосфера во Цирих исто како да играме во Скопје. Се чувствувавме како домаќини. Тие значително ни ја олеснија задачата, кревајќи ни ја самодовербата со безрезервната поддршка што ни ја дадоа. Им благодарам за спектакуларната атмосфера – порача Мојсовски.

Одличниот бек веќе извесно време влече незгодна повреда, но стисна заби и одигра како што знае. В недела против Португалците ни треба уште една блескава партија од него, Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Филип Миркуловски и останатите наши ракометари за победа на Македонија и нов настап на големите натпреварувања.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top