| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба за американската мисионерка Мери Метјус вечерва во Битола

Вечерва (четврток, 5 октомври 2017) во Завод и музеј-Битола ќе биде отворена изложбата „Мери Л. Метјус и Американското училиште за девојки во Битола 1888-1920“ која ја организира Пеги Хенсон, внука на Мери Метјус.

Изложбата содржи историски документи и фотографии, сопственост на нејзината фамилија. Тие се хронолошки приказ на животот на Мери Метјус како мисионерка во Американското училиште за девојки во Битола.

– Преку нејзините дневници, писма и фотографии, Мери Метјус ги прикажува, од прва рака, настаните во и околу Битола за време на нејзиниот триесет и двегодишен престој во градот. Таа била сведок на последните години на Отоманското владеење, Младотурската револуција, Балканските војни и Првата светска војна. За време на овој период, Американското училиште за девојки било институција која непрекинато работела во Битола, тука се одржувале часови по англиски и македонски јазик на девојки од различно етничко потекло и било главно американско претставништво во Битола, соопшти Завод и Музеј Битола.

Мери Метјус предавала во училиштето и го надгледувала сиропиталиштето во периодот по Илинденското востание, се грижела за нејзините ученици и учители и успеала да ги одржи во добра здравствена состојба за време на големиот број на епидемии. Им помогнала на многу луѓе, им помагала на бегалците, и била во координација со англиските и фанцуските генерали за време на Првата светска војна.

– За време на Првата светска војна била единствениот американски граѓанин во Битола. Била колешка со Мис Стон, која станала славна по нејзиното киднапирање во 1901, учела јазик кај Герасим Кирјаз, кој учествувал во составувањето на модерната албанска азбука. Британката Кетрин Харлеј била убиена од германска граната во 1917, додека пиела чај со Мери Метјус. Мери Метјус ја сакала Битола и ја чувствувала како свој дом, наведува Завод и Музеј Битола.

Изложбата ќе биде поставена до 15 октомври 2017 и посетителите ќе имаат можност да видат голем број фотографии и документи, благодарение на Mount Holyoke College од Јужен Хедли, Масачусетс, САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top