На фестивалот Млад отворен театар вечер на програмата е една претстава – „Сослушување“ на Мер Театар груп (Mehr Theatre Group) од Техеран, која ќе гостува во Младинскиот културен центар од 20 часот.
Во претставата „Сослушување“ на авторот и режисер Амир Реза Кохестани играат Мона Ахмади, Аиназ Азархоусх, Елихам Корда и Махин Садри. Домот за девојчиња секогаш беше како недостижен замок. Вратите и прозорците имаа илјадници видови огради, брави, бариери, со дебели стакла и чувари што апсеа на влезот. По влезната врата започнуваше женски свет во кој беше забранет влез за кој и да било маж.
Махин, мојата девојка и актерка од моите последни претстави – и веројатно актерката што ја игра улогата на управникот – кој живееше во универзитетскиот дом цела година, вели: „Ако требаше да дојде мајстор да ја поправи климата, пред да излезе, тоа го објавуваа на разглас на следниов начин: ’Драги девојки, ве молиме ставете го вашиот хиџаб, маж сака да дојде горе’“. Во една ваква ситуација, еден ден, една девојка известила дека слушнала маж во една од просториите. Ова е појдовната точка на претставата „Сослушување“, објасни режисерот Кохестани.
Пред изведбата на иранската претстава, во 18 часот во МКЦ ќе се одржи промоцијата на книгата „Филозофија на паланката“ на српскиот филозоф и писател Радомир Константиновиќ.
„Искуството ни е паланечко. Понекогаш е опасно (и казниво) тоа да ѝ се каже на уво на паланечката горделивост; меѓутоа, понекогаш овој збор оди до поимот на судбинското: паланката, се вели, е наша судбина, наша несреќа. Нема, ниту може да има промена. Историјата нѐ заборавила, како во некаква голема расеаност. Помеѓу селото и градот, вака заборавен, светот на паланката не е ниту село, ниту град. Меѓутоа, неговиот дух е дух меѓу племенскиот, како идеално единствен и светскиот, како идеално отворен дух. Кога овој дух зборува вака за својата лоша судбина, тој зборува за својата исклученост од историјата.
Но, и кога ја прогласува за проклетство, тој ја сака таа исклученост. Основната претпоставка на духот на паланката е некаде во тоа: дека е тоа дух, кој, заборавен од историјата, сега се обидува лошата судбина да ја преобрази во своја привилегија, со тоа што и самиот (како што чивија со чивија се чука) ќе ја заборави историјата, ќе се овековечи со овој заборав во самиот себеси, заветен на траењето, од онаа страна на времето. Времето е од онаа страна на ридот, таму каде што почнува светскиот хаос, или хаосот на апсолутно отворениот свет“, пишува Радомир Константиновиќ во своето најпознато филозофско-есеистичко дело.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.