| четврток, 6 декември 2018 |

Србов: Со милионски суми Владата купува гласови за локалните избори (Видео)

Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз продолжува со финансирањето на невладините организации за време на предизборен процес, обвинува Никола Србов член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Милионските трансакции кои се одвиваат последниве денови отвораат сомнеж дека владата со парите на граѓаните купува гласови во пресрет на локалните избори. За само два дена од парите на граѓаните на сметките на невладините организации се префрлени 29.660.000 денари. На 26-ти септември на сметките на невладините организации се префрлени 16.450.000 денари. Утредента, на 27-ми септември на сметките на невладините организации се префрлени 13.210.000 денари. Претходно, во периодот откако се распишаа локалните избори, на сметките на невладините организации беа префрлени вкупно 26.125.000 денари. Со најновите трансакции, невладините организации кои учествуваа во т.н. шарена револуција и кои по насилен пат ја уриваа легално избраната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од парите на граѓаните добиле вкупно 55.785.000 денари. Владата има обврска да им соопшти на граѓаните каде се трошат нивните пари. Преплетеноста на работата на невладините организации со партиските активности на Социјалдемократскиот сојуз, носи до заклучокот дека сега Социјалдемократскиот сојуз си ја финансира својата кампања и поткупува гласачи со пари на граѓаните, порача Србов.

Тој потенцираше дека ваквото самоволие, беззаконие и злоупотреба на парите на граѓаните ќе заврши на 15-ти октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top