| четврток, 6 декември 2018 |

Завршна изложба на студенти од Колеџот за графика и за веб-дизајн во КИЦ

Во Културно-информативниот центар – Скопје , во изложбениот   салон „Империјал 1“, вечерва во 20 часот ќе се отвори завршната изложба на студенти на Колеџ за графика и за веб-дизајн при „Семос едукација“.

Целта на настанот е промоција и претставување на 19 дизајнери пред пошироката македонска јавност и медиумите. Ова е одлична можност за фирмите од графичката индустрија и мултимедијата да се сретнат со квалификувани дизајнери и одблиску да се запознаат со нивните дела и потенцијали.

Студентите од програмата за графички дизајн ќе се претстават со повеќе од 100 графички решенија, како најуспешни и најкреативни проекти на кои работеле во изминатиот период. На изложбата ќе бидат поставени плакати на разни теми, лого и корпоративен идентитет, дигитални манипулации на фотографија, изработени имиџ-кампањи… А, студентите од програмата за веб-дизајн ќе се претстават со сопствените портфолија и динамични веб-страници, кои содржат програмерски дел, галерија, флеш-анимации и знаменца.

Колеџот работи во рамките на „Семос едукација“ од октомври 2006 година и досега има едуцирано стотина дизајнери, кои успешно ја градат својата кариера во Македонија и во странство. Основната мисија е едукација на студенти и создавање кадри, кои ќе се здобијат со уметничко, креативно и практично знаење со цел брзо да се вклучат на пазарот на трудот веднаш по завршување на школувањето.

Изложбата ќе биде отворена до 14 јуни, в година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top