| четврток, 6 декември 2018 |

Друштвото на писатели на Македонија в петок ќе ја одржи манифестацијата „Во чест на Блаже Конески“ во Небрегово

Друштвото на писателите на Македонија ја востанови наградата Повелба Блаже Конески. Прв добитник на ова високо признание е поетот и академик Матеја Матевски.

Друштвото на писателите на Македонија в петок (29 септември) во 12 часот во селото Небрегово, прилепско, ќе ја одржи манифестацијата „Во чест на Блаже Конески“, што е дел од кампањата за ревитализација на родната куќа на големиот македонски поет, книжевен научник и лингвист.

На средбата, што се одржува во рамките на проектот „Нов културен бран“ на Министерството за култура на Република Македонија, ќе настапат 20 истакнати  поети од различни генерации. Со своите стихови поетите на ДПМ ќе му оддадат почит на Блаже Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација која годинава одбележува 70 години од своето формирање.

Манифестацијата во родната куќа на Блаже Конески во Небрегово ќе ја отвори претседателот на ДПМ Веле Смилевски. Потоа писателот Милован Стефановски ќе зборува за поставувањето на спомен плочата на куќата на  Конески, во 1998 година, во времето кога тој беше пртседател на македонската писателска асоцијација. Обраќање ќе има и проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија. Програмата ќе ја води Александра Велинова.

Друштвото на писателите на Македонија планира низа активности со цел спомен куќата на Блаже Конески во селото Небрегово постојано да пулсира со книжевни средби, симпозиуми, литературни и јазички работилници за творци, љубители на литературата, ученици и студенти. За остварување на ваквата цел ДПМ ќе соработува со сите релевантни фактори, пред се со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Друштвото на писателите на Македонија секоја година ги одржува познатите Денови на Блаже Конески, а по повод неговиот роденден, 19 декември 1921 година. Во рамките на оваа манифестација е и традиционалната „Средба на генерациите“ на која настапуваат поетите, членови на ДПМ.

Друштвото на писателите на Македонија ја востанови наградата Повелба Блаже Конески. Прв добитник на ова високо признание е поетот и академик Матеја Матевски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top