| четврток, 6 декември 2018 |

Димитровски од Кочани: Од 12.000 бројот на невработени го намаливме на 4.000

На централниот митинг денеска на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, пред граѓаните се обрати актуелниот и кандидат за иден кандидат за градоначалник Ратко Димитровски. Тој пред кочанлани кажа дека тие денеска прават еден пресек, што е, што беше и што треба да се направи за Кочани.

-Вечерва се гледаме очи во очи со вас, со сите вас кои што ни ја дадовте довербата пред четири години. Вие сте тие што преку своето демократско право, не овластивте да се грижиме за развојот на Кочани. За тоа овластување, деновиве ви го испорачавме „Отчетот“ за сработеното во изминатиот период, изјави Димитровски.

Тој накратко спомена дел од него, како што кажа најпрво тоа се условите за вработување на граѓаните на Кочани, новите погони на Антура, Антенол, Руен Инокс Аутомобиле, Хипотерм, Дирлос, Пејпермил, Нидо Гете, Лимидија Арло и другите помали погони вработија, како што кажа Димитровски 2.500 граѓани на Кочани, каде што тие го нашле своето парче леб во општината.

-Бројот на невработените кој што го затекнавме, од 12.000 падна на бројка под 4.000 наши сограѓани да бидат невработени, од кои половината се активни баратели на работа. Би ги споменал и проектите од комуналната инфраструктура. Кочани е еден од ретките градови кој го реши во поголемиот дел од градот проблемот со атмосферските води. Уличното осветлување во Кочани е пример како може да се зголеми осветленоста на градот за преку 50 проценти и околу 300 темни точки во градот да се осветлат, а потрошувачката на струја во градот да се намали за цели 75 проценти, изјави Димитровски.

Тој кажа придоите кон Кочани, Бели, Јастребник, Оризари, Лешки се веќе завршени. Димитровски напомена дека се реконструирани улиците 9-ти мај, доктор Николич, Димитар Влахов, а сега во моментов се работи на улицата 14-та бригада. Со кредит од Светска банка Димитровски кажа дека во Кочани се реконструирани многу улици, како уште многу од сопствени средства во општината.

-Изградени се потпорни ѕидови на повеќе од 35 локации, со должина од повеќе од 1.200 метри. Кочани е карактеристично со бетонските тротоари кои што ги изградивме заедно со вас граѓаните, од над 13 километри. Изградени се пет моста во планинскиот дел, онаму каде што никогаш пред тоа немаше можност да се поминат реките, изјави Димитровски.

Тој кажа дека Пониква е обогатена со постројки за вештачки снег, патеки за скиење, како и многу други работи.

-После 20 години Кочани го доби новиот Генерален урбанистички план, а во тек е изработка на урбанистички планови за сите раминчарски села. Изградени се две спортски, седум повеќенаменски игралишта . Секоја година нашата општина доделува 30 стипендии на нашите сограѓани кои студираат на нашите универзитети. Реконструиани се училиштето во Горни Подлог и средното училиште Љупчо Сантов во Оризари. Земенети се прозори и изградена е нова градинка во Оризари, изјави Димитровски.

Димитровски се осврна и на она што е планирано во наредниот период. Тој напомена дека во програмата за наредните четири години ги има најглавните и најголемите проекти, кои ќе придонесат развој на општината и нови вработувања, со што како што кажа тој ќе има раздвижување на целокупната економија.

-Пред се би ја спомнал пречистителната станица за отпадни води, заедно со сите колектори во градот Кочани. Продолжување на изградбата на браната Речани, иако некои наши противници, пробуваат на секој начин тоа да го закочат, но процесот е почнат браната се гради, изјави Димитровски.

Тој кажа дека експресниот пат Штип-Кочани ќе го доближи Скопје до овој град и од главниот град до Кочани ќе се стигнува за 40 минути. Тој напомена дека е предвидена гасификација на градот, изградба на технолошко индустриски парк за нови компании, пред се наменети за најмладите граѓани во Кочани. Тој најави дека ќе биде изграден и кружен тек во централното градско подрајче, како и катна гаража. Кажа дека во населени места ќе има нови улици за кочанчани.

-За да сето тоа се оствари треба да имаме поддршка од вас, членовите на ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата, симпатизерите, неопределените и сите оние кои што го сакаат Кочани и Република Македонија, за на денот на изборите да излезат и да гласаат за градоначалник и Совет на општината Кочани. 15-ти октомври е ден кога се гласа за Кочани, ден кога се гласа за Македонија. Сведоци сме за распродажбата на вредностите кои ги имаме како суверена држава, сведоци сме секојдневно што се ни приредуваат како изненадување оние кои што не беа победници на парламентарните избори во декември, туку беа второ рангирани, но помогнати од други страни направија Влада, а готви работи кои не ги сака народот.

Тој кажа дека со заокружување на бројот 13 граѓаните ќе ја пратат истата порака од 11-ти декември, а тоа е победа на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top