Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, во својот втор мандат ги има исполнето најголем дел од ветувањата кои ги дал во предизборната кампања во 2013, а општината важи за една од најмалку задолжените во државата – се констатира во истражувањето на новинарската истражувачка мрежа „Призма“, насловено „Општините под лупа“.
Она што аналитичарите на „Призма“ во своето истражување го забележале за Конески воопшто не важи за четворицата градоначалниците од редовите на СДСМ, Зоран Дамјановски од Куманово, Андреј Жерновски од Центар, Зоран Заев од Струмица и Момчило Алексовски од Ранковце.
„Во принцип, од нашето истражување може да се заклучи дека голем дел од ветувањата за кои побаравме информација од градоначалникот се исполнети, но не сите, и не целосно“, пишува Бирн.
И во оваа изборна кампања, кандидатите ветуваат многу, од решавање на наједноставни проблеми до капитални проекти кои целосно ќе ги ги изменат општините. Но, податоците покажуваат дека може да се констатира оти Коневски изградил повеќе од сите четворица градоначалници од СДСМ заедно. Тој се трка за трет мандат, а никој од претходните градоначалници на СДСМ нема да се најде на избирачкото ливче на 15 октомври.
Ивица Коневски бара трет мандат, во вториот не исполнил само едно ветување
Коневски во 2013 вети изградба на спортски центар „Јане Сандански, што е целосно реализирано во еден мандат. Ветено беше и пошумување на Општината со 20.000 садници, што е надминато па според податоците во Аеродром во последните 4 години се насадени околу 50,000 садници. Беше ветена и изградба на голем зелен парк покрај кејот на реката Вардар, кај Куќата на фудбалот, на површина од 25 хектари. И ова ветување е остварено, а дополнително се изградени уште неколку паркови.
„Ова ветување е остварено и паркот е изграден на 100.000 квадратни метри со 600 садници и урбана опрема, од која дел овозможи Град Скопје. Општината се пофали со уште два големи паркови изградени во овој мандат: „Бановина“ и „Парк на светлината““, велат од БИРН.
Реконструиран е и локалниот пат с. Долно Лисиче – с. Горно Лисиче. Доизградена е и детската уличка Тоше Проески. Ветена и остварена е и реконструкција на улица Руди Чајевац, улица Пандил Шишков, улица Вангел Тодоровски и улица Милан Зечар со тротоари.
Според анализата, единствено нереализирано ветување на Конески е изградбата на нова општинска зграда за Општина Аеродром, чии простории сеуште се под наем. Задолженоста на општината е минимална и изнесува само 72,199 евра.
Зафатен со прислушувани разговори, Заев остварил само едно ветување
За разлика од Конески, според истражувањето, актуелниот премиер Зоран Заев не исполнил ни 20% од она што го ветил пред Струмичани во 2013. Заев ветил три нови индустриски зони, триесет нови фабрики, триста нови локации за производствени погони и три илјади нови вработувања. Од ова, ништо не е исполнето. Ветил и продолжување на гасификацијата, што исто така не е остварено. Не е реализирана ни новата подземна сообраќајница која ја ветил Заев.
Најмодерната повеќенаменска хала како проект ќе донесе многубројни новитети, со кои ќе се освежи и ќе се збогати целокупната понуда на Струмица, вети Заев на изборите во 2013 година. Таа требаше да биде лоцирана на местото на поранешната струмичка касарна и во неа требаше да се одржуваат концерти, манифестации, да содржи деловен и паркинг-простор и да претставува „нов архитектонски симбол на Струмица“.
Рокот за изведба на оваа хала беше 2017 година. Во 2016 година, како реакција на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, Општината соопшти дека ветената хала не е изградена затоа што предвидената локација, поранешната касарна во градот, сѐ уште е во владение на државата, која намерно не ѝ ја отстапи на Општината, иако „сите други касарни се отстапени на локалните самоуправи“, за да ја спречи реализацијата на овој проект.
Не е изграден ниту нов пазар, кој беше ветен, а не се изградени ниту нови градинки. Не е реализирано ниту панорамското поврзување со Цареви Кули.
Едно од ретките ветувања кои Заев ги исполнил е изградба на пречистителна станица. На својот наследник, Заев му остава долг од 1.461.837 евра.
Им ветуваа многу, но Кумановци добија само базен
Според истражувањето, се чини, најлош биланс има градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски. Од се што ветил, Дамјановски изградил само базен. А нема ни трага ни глас од Гасификација на општината, Цефковод Куманово-Липково, изградба на комерцијален и административен центар „Чоробенско ќоше“, изградба на индустриска зона, горилница на отпад и изградба на нови градинки кои како проекти беа ветени пред претходните избори.
На својот наследник, чие име ќе го дознаеме на 15 октомври, Дамјановски му остава долг од неверојатни 2.087.097 евра.
Според истражувањето, градоначалникот на Ранковце од СДСМ, Момчило Алексовски, не остварил ниту едно од клучните ветувања а општината ја оставил во долгови од 160.769 евра.
Од клучните ветувања кои ги даде за Општина Центар, градоначалникот Андреј Жерновски не оствари скоро ништо. Единствено на жителите на општината им беше овозможен бесплатен паркинг и се изгради нова градинка. Нормално, тука е и фамозната „Боемска улица“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Заев на Самитот на земјите членки на Европската иницијатива
-
Заев незадоволен од Хазби Лика, Османи: ДУИ нема намера да менува министри
-
Заев: Горам од желба да ги соопштам деталите за бегството на Груевски
-
Инцидент на скопски аеродром: Експлодирал куферот на Тајзи, интервенирало обезбедувањето (фото)