| четврток, 6 декември 2018 |

Ристовски: Екстерното тестирање ја постигна својата цел

spiro_Rrr-500

Екстерното тестирање во училиштата ја постигна целта, смета министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, оценувајќи го целиот процес како успешен.

– Процентот на отстапки од планираното е релативно мал, што ни дава за право да го оквалификуваме процесот како успешен. Очекувам дека од следната учебна година овој процес ќе стане рутински во сите училишта и за сите засегнати страни – вели Спиро Ристовски на денешната прес-конференција што ја одржа во придружба на заменикот, државниот секретар и директорите на органите на МОН.

Ристовски на прес-конференцијата им се заблагодари на присутните за спроведувањето на екстерното тестирање за кое истакне дека преставува реформа која ќе го зголеми квалитетот на образованието во Македонија.

– Секоја реформа која засега поголема популација наидува на различни реакции. Но, јавно ги уверувам сите оние кои од самиот почеток го поддржуваа екстерното оценување, како и оние што ја оспоруваат неговата имплементација, валидност и значење, дека секој проект што го спроведува Владата е за добробит на сите граѓани. Ефектите од некои од нив се видливи на краток рок, но некои ефекти се видливи подолгоорочно. Таков е и исходот од екстерното оценување за кое сум цврсто убеден дека ќе биде стожер и основа за создавањето европски образовен систем во Република Македонија – вели министерот Ристовски.

Тестирањето на 193.176 ученици, со кое се оценува колку наставниците се објективни во вреднувањето на нивните знаења, беше прво оваа година и се спроведе од 27 мај до 8 јуни.

Првите резултати од тестирањето задутре ќе ги добијат осмоодделенците бидејќи веќе на 24 јуни ги очекува првиот рок за пријавување испит за запишување во средните училишта.

Останатите ученици резултатите ќе ги добијат од 17 до 21 јуни. Тогаш ќе биде и втората сесија од екстерното тестирање за околу 15.000 ученици кои од оправдани причини не беа тестирани во првата сесија. Мал процент ученици или одделенија ќе бидат тестирани вторпат поради неправилности кои биле утврдени од просветните инспектори, кои во текот на процесот извршиле 320 надзори на училиштата.

Екстерното тестирање го полагаа ученици од четврто одделение до трета година средно. Тестот траеше 60 минути и содржеше 30 прашања на мајчин јазик на ученикот. Оценките што ќе ги добијат од тестирањето ќе бидат впишани во свидетелство и ќе влијааат врз вкупниот успех.

Ранг-листата на наставниците според отстапките што ги имале во оценувањето ќе биде готова по неколку месеци зашто, како што рече министерот Ристовски, таа ќе се прави според разновидни параметри и ќе се анализира заедно со СОНК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top