Тендерот од 2,6 милиони евра на државната Електрани на Македонија, кој требаше да го добие фирмата „Фероинвест“ на вицепремиерот Кочо Анѓушев – пропадна, барем за сега. Најверојатно се работи за нова измама на еден од најбогатите Македонци, Анѓушев и неговиот шеф, Зоран Заев, бидејќи се верува дека тендерот ќе биде повторен по изборите, а победникот е повеќе од веројатен, а тоа е фирмата на вицепремиерот, Фероинвест.
– Анѓушев се обидува преку државното претпријатие ЕЛЕМ да си додели тендер од 2.6 милиони евра на својата компанија „Фероинвест“. Доделувањето на тендерот од страна на државата чиј репрезент е Анѓушев, на компанијата „Фероинвест“, чиј сопственик е исто така Анѓушев е класичен пример за судир за интереси. Во конкретниов случај Анѓушев е заинтересирана странка и во двете страни од договорот. Ова е скандал и класичен пример за бандитизам и богатење со парите на граѓаните. Ваквиот бандитизам со парите на граѓаните е невиден во друга демократска држава и претставува класична злоупотреба на функцијата – истакнаа Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Анѓушев негираше конфликт на интереси, бидејќи тој е сопственик, но не и управител на „Фероинвест“, заради што не гледа проблем што фирмата на која е тој мнозински сопственик се појави на милионскиот државен тендер на ЕЛЕМ за набавка на гумени траки за РЕК Битола. Заради тоа, тој не чувствува никаква морална одговорност, бидејќи како што вели, се е според закон.
–Согласно Законот за спречување на корупцијата имам обврска да се повлечам на компаниите. Никаде во тој Закон не е наведено дека треба да престанам да бидам сопственик на компаниите. Тоа значи дека никој не треба да биде потпретседател на Влада бидејќи секој е сопственик на нешто.
Анѓушев вешто ги извртува работите. Никој не побара од него да не биде сопственик на „Фероинвест“. Спорно е тоа што неговата фирма учествува на државни тендери во време кога тој е претставник на државата. Тоа се нарекува конфликт на интереси. Добро е познато дека сопствениците се оние кои добиваат профит од фирмите, додека управителите добиваат само плата.
Со реализирање на криминалниот тендер на ЕЛЕМ, личното богатство на вицепремиерот Анѓушев ќе порасне на 30 милиони евра, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ и побара кривична одговорност.
Заев вели дека нема судир на интереси во тоа што фирмата Фероинвест, во која што вицепремиерот Кочо Анѓушев е еден од сопствениците, учествува на тендер на ЕЛЕМ вреден 2,6 милиони евра.
–Драго ми е што медиумите ја водат оваа постапка и јавноста треба да знае за тоа. Но, дали тоа значи дека семејството Заеви што произведува ајвар, од нив не треба да набавува ниту една државна институција која има исхрана во заеднички мензи!? Фирмите во Македонија мора да работат, но важно е да се разграничи и да нема влијание при одлучувањето или во управување со фирмата, истовремено истото лице кое е во Владата. Како ќе привлечеме квалитетни луѓе од бизнис заедницата да помогнат во работата, ако од нив бараме да ги затворат фирмите и да ги отпуштат вработените“, изјави Заев за време на посетата на затворот „Идризово“.
Од „Фероинвест“ истакнуваат дека не само овој, туку се во план да добијат и други тендери. Велат дека и во иднина ќе учествуваат на сите јавни огласи каде има деловен интерес и каде може да понуди свои производи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.