Во издание на „Бата прес“ излезе од печат поетската книга „Резби во времето“ од Драган Попоски – Стојнин. Збирката содржи 80 избрани песни пишувани во периодот од 1954 година до денес, сместени во три циклуси, од кои еден дел се посветени на родното Вевчани, на другарите и пријателите од домови за деца без родители во Битола и други места во Македонија, на љубовта… Во книгата се објавени и репродукции од 15 уметнички слики на академикот Васко Ташковски
-Summa summarum – во својата поетска книга Драган Попоски – Стојнин ги предава радоста и дилемите за постоењето и човековата егзистенција со едноставен и течен јазик, со еден питок и неоптеретен лиризам. Овој невин лиризам освојува токму со својата тивка невиност и искреност, но на места спонтано умее да заплови и во изненадувачки возбудливи поетски меридијани, што, најпосле, во суштина го докажува она што Платон го нарекуваше anamnesis – дека чистите и искрени чувства не можат, а да не дојдат до некои темелни вистини, пишува Ефтим Клетников, поет, книжевен критичар и есеист.
Драган Попоски – Стојнин е роден 1940 година, во Вевчани. Виорот на Втората светска војна трагичен е и за неговата фамилија и како дете без родители растел во детските домови во Битола, Скопје, Кратово, Ресен, Битола, Валандово, Битола. Во Битола, во 1960 година завршил гимназија, а Медицински факултет и специјализација завршил во Скопје.
Работел како лекар, а подоцна и како советник за медицина и фармација во фабриката за лекови „Галеника“ од Белград. Во 1992 година, меѓу првите во Република Македонија, ја формира Приватната здравствена организација аптека „Биолек“. Покрај медицинската дејност, тој го проучува и демографското прашање во Република Македонија.
Песни почнал да пишува од 1954 година. Во 2012 година, го формира списанието „Аптекар“, гласило на Здружените аптеки на Македонија (ЗАМ), каде што Попоски е главен и одговорен уредник.
По пензионирањето живее и твори во Охрид. Првата промоција на книгата се одржа вчера (13 септември) во црквата „Свети Никола“ во Вевчани, родното место на Драган Попоски – Стојнин, во рамките на културната манифестација „Вевкул 2017“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.