Издавачката куќа „Магор“ од Скопје ја објави книгата „Кантар со метафори“ од Тони Димков. Со поднаслов „Збирка интервјуа што ја мерат тежината на времето“ долгогодишниот новинар од областа на културата во својата нова книга прави природно продолжување на претходно објавената книга „Зборот остава траги“ (2016).
Промоцијата на книгата „Кантар со метафори“ од Тони Димков ќе се одржи на 13 септември (среда) 2017 година, со почеток во 20 часот, во МКЦ Клуб и ресторан. Промотори на книгата ќе бидат Лабина Митевска, актерка и филмска продуцентка, и Александар Прокопиев, писател и книжевен критичар.
Со филигрански направена селекција на интервјуа, објавени во списанијата „Граѓански“, „Глобус“, „Арт Република“ и на интернет-порталот МКД.мк, со личности и појави и од ретко застапената алтернативна култура во државата, книгата претставува придонес кон изворното зачувување и документирање на меморијата и на трагите од времето во кое живееме.
Во книгата „Кантар со метафори“ се објавени 25 интервјуа со истакнати творци, како академик Луан Старова, театарскиот деец Ристо Стефановски, поетот Никола Маџиров и виртуозниот пијанист Симон Трпчески (национални уметници на РМ), сликарите Трајче Јанчевски (1928 – 2015) и Александар Станкоски, професорката Јасна Котеска, сликарката Весна Бајалска, сценографот и директор на Битолскиот народен театар Валентин Светозарев, диригентот Запро Запров, музичарите Кирил Џајковски, Тони Китановски, Зоран Маџиров (1968 – 2017), Сеад Хаџиќ – Сецко, Александар Пејовски, групите „ПМГ Колектив“ и „Легијата“, новинарката Гена Теодосиевска, актерката Лабина Митевска, поетот Сашко Гигов – Гиш, извршниот продуцент Пеце Талески, Златко Стевковски како директор на Младинскиот културен центар во Скопје, со двајца актери од Словенско младинско гледалишче од Љубљана и големи пријатели на Македонија, Дарио Варга и Урош Мачек, како и со австрискиот кинематографер Кристијан Бергер.
Тони Димков (1969, Скопје) е новинар од областа на културата и уметноста кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од речиси сите области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија. Почнувајќи од 1990 година професионално бил ангажиран како новинар во повеќе електронски и печатени медиуми, како Младинското радио „Клуб 100“, „Студентски збор“, „Студентско радио“, Македонска телевизија, продукциската емисија „Врти-сучи, тоа ти е Скопје“, „Глобус“, „Арт Република“, „Утрински весник“, „Лајф магазин“, „Форум“, „Макфакс“, „Граѓански“, „Дневник“, а од 2014 година ја уредува рубриката за култура на интернет-порталот „МКД.мк“.
Во текот на неговата професионална работа има подготвено повеќе од 500 тв-прилози и стотици интервјуа, текстови и рецензии од областа на културата и уметноста. Во 2016 година кај издавачот „Магор“ ја објави својата прва збирка со интервјуа „Зборот остава траги“, за која ја доби Државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ за новинарство.
Книгата „Кантар со метафори“ е негово второ публицистичко издание.
Издавањето на книгата е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.