| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Jaна Луловска во Музеј на град Скопје

Во вторник, (5 септември) со почеток во 20 часот, во Музеј на град Скопје ќе биде отворена изложбата под наслов „Аликвоти“ на Jaна Луловска.

Луловска го насочува сопствениот интерес кон позицијата на фотографијата во современоста. Таа експериментира со двојноста на присутноста на фотографијата  како аналогна и дигитална фотографија. Што прави таа? Снима со камера обскура на фотографска хартија која ја развива и добиениот артефакт понатака дигитално го обработува. Конечниот резултат се дигитални печати кои во сопствената структура ги поседуваат елементите на аналогноста и дигиталноста. Тоа се серија фотографии во кои е присутен позитивот, негативот и нивните соларизации. Луловска е заинтересирана да истражува на границата на тоналитетите и себе и на публиката да и овозможи задоволство во истражувањето на различните полутонови кои се нејзиниот доминантен интерес.

Но не е само тоа. Таа создава и некакво особено опкружување, определена интервенција во просторот со инсистирањето врз кружните форми кои се повторуваат врз бела или црна подлога. Тој воедначен ритам на исказот во определен простор е обединувачкиот елемент на целиот нејзин проект. Сето ова не би можело да биде остварливо ако самите фотографии не поседуваат накаква насочена, свесна и интригантна едноставност и строгост во изразот.

Јана Луловска е родена  1986 година во Скопје, Република Македонија.

Завршила Уметничка и Приложна Фотографија на Националната Академија за Театарска и Филмска Уметност “Крсто Сарафов” во Софија, Бугарија. Има реализирано две самостојни изложби во Македонија и во Бугарија, а учествувала на повеќе групни изложби во Македонија, Бугарија и Белгија. Покрај фотографијата и сликањето, Луловска работи и во сферата на киното и стоп-кадар анимацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top