Вечерва, со почеток во 20.30 часот, во кафе-книжарницата „Магор“ ќе се одржи промоција на „Размена на пораки“ од Влада Урошевиќ и Тања Урошевиќ. Промоцијата е замислена како јавен разговор со двајцата писатели, кој ќе го води Владимир Јанковски.
„Размена на пораки“ претставува оригинален книжевен проект во македонската литература. Нашите двајца угледни писатели, Тања Урошевиќ и Влада Урошевиќ, решаваат да напишат два раскази на иста тема – таинствена вила покрај морето. При процесот на пишување на своите раскази, двајцата автори не комуницираат меѓу себе во врска со текстовите на кои работат. Резултат од тоа се два раскази што воспоставуваат необичен дијалог меѓу себе и истовремено создаваат суптилни релации со книжевните текстови од историјата на книжевноста на темата „таинствена куќа“ од Хорас Волпол, Едгар Алан По, Хенри Џејмс, Хулио Кортасар итн. Расказите, пред сѐ, функционираат сами за себе, но дополнителната вредност на текстовите произлегува од можноста да се прочита како еден ист мотив варира, како двајцата писатели на различен начин ја градат атмосферата, како решаваат слични книжевни ситуации.
Во рамки на промоцијата ќе бидат поставени прашања поврзани со самиот чин на настанувањето на текстовите, ќе се разговара за играта како важен творечки принцип, а расказите ќе бидат поставени и во перспективата на претходното творештво на двајцата писатели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.