Во Париз, издавачката куќа “Le temps des Ле темпс дес церисес” (“Времето на црешите”) ја објави книгата песни на истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ под наслов “Еден друг град”. Макар што тоа име го носеше првата поетска збирка на Урошевиќ, отпечатена во далечната 1959 година, сега под овој наслов ги среќаваме песните од сите десет досега објавени книги на нашиот поет во еден репрезентативен избор. На над 250 страници претставени се 150 песни, што претставува, секако, еден од најобемните избори од поетското творештво на некој наш автор објавени во странство. Песните на француски ги препеа Жана Делкроа – Ангеловска, а предговорот на книгата, под наслов “Шумата на чудата на Влада Урошевиќ”, е од еминентиот француски поет Франсис Комб. Во својот предговор Комб пишува: “Во времето кога многумина поети, барем во западна Европа, се чини се имаат откажано од алхемијата на сликите, Влада Урошевиќ со секоја нова песна ни покажува дека слободата на имагинацијата не е подготвена да се исцрпи. Игрите не се изиграни и поетот на престанува да игра. Со длабока смисла за хумор. Неговите песни, исто толку сериозни како и нивните теми, никогаш не е откажуваат од задоволството на жонглирањето со парчињата што поетот ги одделува од стварноста, за одново да ги распореди според својата фантазија.” А во препораката на книгата, отпечатена на задната корица, овој автор потцртува дека “гласот на Влада Урошевиќ е еден од најсилните и најособените гласови во европската поезија денес”. Ова е трета книга на Урошевиќ што е објавена во Париз, по поетската збирка “Лудаци во опсерваторија” (1978) и романот “Мојата роднина Емилија” (2010). Инаку, во Париз, Влада Урошевиќ е дописен член на поетската “Академија Маларме” во која членувале, некогаш, поетите Пол Клодел, Морис Метерлинк, Пол Валери, романсиерот Андре Жид и сликарот Клод Моне. За своето творештво и за својата преведувачка дејност, Влада Урошевиќ е именуван од владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.