Лекарот кој ги прегледал американските и канадските дипломати кои работат на Куба утврдил дека боледуваат од сериозна состојба која вклучува мала травматска повреда на мозокот и оштетување на централниот нервен систем, пренесува Си-би-ес повикувајќи се на медицинските извештаи.
Дипломатите се жалеле на губење на слухот, мачнина, главоболки, нарушување на рамнотежата по она што било опишано како „инциденти“ кои почнале да ги погодуваат во Хавана кон крајот на 2016, пренесува Си-би-ес.
Властите истражуваат дали дипломатите биле мета на некаков вид соничен напад насочен кон нивните домови. Еден извор за Си-би-ес изјавил дека инцидентите продолжиле да се случуваат на карипскиот остров и дека дел од американските дипломати поради тоа го скратиле мандатот.
Стејт департментот претходно месецов соопшти дека одреден број Американци кои работеле на Куба се вратиле во САД од „медицински причини“ кои не се опасни по живот. Портпаролката Хедер Ноерт пред две недели кажа дека Стејт департментот дознал за инцидентите во Хавана кон крајот на 2016. Таа кажа дека изворот или причината на „инцидентите“ е непозната, но дека „предизвикуваат низа физички симптоми“ кај службениците на американската влада.
Неколку американски државјани во амбасадата се евакуирани во САД во изминатите шест месеци откако се пожалиле на здравствени тешкотии. Дел од нив подоцна добиле апаратчиња за слушање.
САД поради овие тврдења протера двајца кубански дипломати. Куба соопшти дека ги истражува тврдењата, но инсистира дека „никогаш не би дозволила кубанската територија да се користи за каква било активност против акредитирани дипломатски агенти или нивни семејства“.
Си-би-ес објави и дека еден доктор кој ги прегледал медицинските документи предупредил на здравствените ризици од понатамошна изложеност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.