Изложбата на цртежи на австрискиот уметник Леополд Форстнер, кој во своите дела ги овековечил културата и животните услови на народот на Балканот во време на Првата светска војна, викендов беше претставена во НОБ. Од вкупно 100 цртежи со теми од Балканот, изложени се околу 30 уметнички дела. Изложбата, која беше организирана во чест на македонско-австриската културна соработка, беше придружена со концерт на реномираната пијанистка и амбасадорка на културата на Република Македонија во Република Австрија, госпоѓа Елена Мисиркова.
На свеченото отворање на изложбата, во Македонската опера и балет присуствуваа Мартин Фостнер, внук на познатиот австриски уметник, претставници на дипломатскиот кор, министерката за култура на Р. Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, и други видни гости и љубители на уметноста.

Леополд Форстнер ги насликал обичаите, традициите, културата, архитектурата и воопшто животот на просторите на Балканот пред 100 години како своевиден документ за духот на времето и за животната култура на населението. Овој уметник е еден од најзначајните т.н. материјални сликари и мозаичари, современик на Густав Климт и Јозеф Хофман. За време на Првата светска војна, како офицер на Империјалната војска на Авструнгарската монархија, бил стациониран во Охрид.
Изложбата и концертот се иницирани од историчарот од Институтот за истражување на последиците од Првата светска војна „Лудвиг Болтцман“ во Виена, кураторот господин Кристоф Бенедиктер и од амбасадорот на култура на Македонија во Австрија, госпоѓа Елена Мисиркова, а е под покровителство на ЕВН Македонија и на австриската амбасада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


