ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација и за министерот за финансии Драган Тевдовски.
-Министерот за финансии, односно министерот за кратење и задолжување, Драган Тевдовски, со своето конфузно, неодговорно и некомпетентно работење во овие седумдесетина дена откако ја извршува оваа функција докажа пред нас пратениците и целата македонска јавност дека е поставен од страна на Зоран Заев единствено со цел да ги спроведува погубните политики на СДСМ. Единствено за што се грижи министерот за кратење и задолжување, Драган Тевдовски, е обезбедување средства со кои наголемо се спроведуваат партиските вработувања во државните и јавните институции додека потребите на граѓаните воопшто не се ни разгледуваат- изјави Лилјана Кузмановска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, поради демонстрираното незнаење и неспособност да ја извршува оваа функција, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно што побргу Драган Тевдовски да замине од функцијата.
-Како клучни причини за поднесување на интерпелацијата за работата на Тевдовски ги потенцираме целосно неразвојниот ребаланс на буџетот за 2017 година, значителното намалување на капиталните расходи, засиленото и неосновано задолжување на граѓаните на домашниот пазар, зголемувањето на износот предвиден за задолжување на меѓународните финансиски пазари, непочитувањето на народните претставници во Собранието на Република Македонија и манипулирањето со економските податоци, параметри и индикатори- истакна Кузмановска.
Таа тврди дека за само 70 дена министерот Тевдовски успеал да го задолжи секој македонски граѓанин за нешто над 3.100 денари, односно 50 евра.
-На дневна основа министерот ја задолжува Македонија со 1.471.104 евра. Исто така, со ребалансот на буџетот за 2017 година се предвидени дополнителни 48 милиони евра повеќе за задолжување на домашниот пазар отколку што проектирала претходната влада, со што ќе се испумпаат 48 милиони евра од стопанството, од банките, од приватните инвеститори, средства што може да им помогнат на голем број мали и средни претпријатија, иноватори и големи претпријатија за проширување на својот капацитет доколку би ги имале на располагање- рече Кузмановска.
ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови поднесе интерпелации и за министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и за министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.