Македонскиот првак Вардар се реши за скапи влезници за претстојниот домашен натпревар против Фенербахче во плејоф-колото за влез во Лигата на Европа. Цените на најевтините билети ќе изнесуваат 2.000 денари – за Исток и за Запад, по 2.500 денари ќе чинат влезниците за југоисток, југозапад, североисток и северозапад, додека задоволството да се гледа од централните трибини ќе вреди дури 3.000 денари. Толку е на пример билет и за вечерашниот Суперкуп на Европа меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.
Вардарци донесоа одлука целата јужна трибина да биде резервирана за навивачи на Фенербахче, додека македонските фанови можат да купуваат само за западната и за северната трибина.
Влезниците се пуштаат во продажба од утре, а Вардар им овозможува 50 проценти попуст на сопствениците на Вардар ПАС-билети, навивачите што ги следеле мечевите со Копенхаген или со Малме или тие што ќе приложат билет од некој од ланските натпревари на ФК Вардар. За нив билетите ќе чинат по 1.000, 1.250 и 1.500 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.