Музејот на град Скопје од денеска ќе биде домаќин на изложбата по повод 50 години од катастрофалниот земјотрес „Недовршени модернизации:помеѓу утопијата и прагматизмот“. Изложбата е финале на двегодишниот истоимен проект на Здружението на хрватските архитекти, „Орис“ – куќа на архитектурата од Загреб, Музејот за архитектура и дизајн од Љубљана, Уметничката галерија од Марибор, Здружението на архитектите на Белград и скопската „Коалиција за одржлив развој“ – КОР. Проектот претставува иницијатива за долгорочна истражувачка платформа за архитектурата и урбаното планирање на просторите на поранешна Југославија, создавани во периодот од почетокот на заедничката социјалистичка држава до денес, гледано низ призмата на еден поширок социјален, политички и културен контекст.
Изложбата, прва од ваков тип, опфаќа многубројни архитектонски проекти од туристичките експерименти на Јадранскиот брег, изградбата на постземјотресно Скопје како пример за сеопшта меѓународна солидарност, сѐ до озлогласените јавни објекти и историски споменици во поранешна Југославија од 1948 до 1990 година. Изложбата ќе биде отворена во 20.30 часот, а е поддржана преку Програмата за култура за 2013 година на Министерството за култура и на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.