Почитувана госпоѓо Арифи, ужасно тажно и мачно е, како и во случајот на вашата колумна под наслов „Илинден“, објавена на порталот на НоваТв на 2 август 2017, што сме принудени да трошиме скапоцено време и интелектуална сила на неверојатни празни дрдорења, квази-политички бесмислици и лудости кои, за жал, како отровни печурки по дожд, никнуваат по преостанатото ѓубриште од ступидната и срамна тнр. шарена револуција, што вие лично ја пишувате со големо Ш. Само да потсетам, во англискиот јазик има еден често употребуван збор што сите го знаеме и што почнува со истата таа буква ш, продолжува со буквата и, а завршува со буквата т, и совршено ја отсликува таа, некаде далеку од Македонија измислена политичка синтагма, на која вие со толкава почит и’ се клањате. Таа „револуција”, и се разбира, секогаш во спомнатиот англиски превод, еве, на општо задоволство на нејзините бојадисани првоборци и народни херои, полека и среќно си се смирува по удобните министерски кожни фотељи во квинслишката влада на Зоран Заев, по владините медиуми и насекаде по директорските и други постоечки и измислени работни места и синекури до каде што допираат долгите лепливи краци на тој бескрупулозен хистерично-политичко-криминален октопод.
Видете, госпоѓо Арифи, разумен човек, или некое мило разумно дете, кога ќе се задоволи или кога ќе се засити од една порано направена конструкција од лего коцки, почнува да прави нова, нему поинтересна, можеби и поквалитетна конструкција или играчка, и тоа според некоја нова логика и според некоја нова структура што има смисла и секому разбирлива фунционалност. И тоа го гради коцкичка по коцкичка, секогаш размислувајќи што би било добро а што лошо за спроведувањето на неговата нова креативна и иновативна идеја.
Но кога еден ординарен лудак манијакално, како Зоран Заев со целата своја хистерична псевдо-космополитска „граѓанска” братија, ќе се нафрли и ќе се дограби до шарените лего коцки, кои ниту се негови ниту воопшто е способен да го разбере сиот нивен креативен потенцијал и убавина, нивната иманентна сила што умот го поткрева кон повисоки сфери и цели – зашто едноставно е страшно луд! – тој не само што покренува одиозни уривачки шарени револуции, туку во тој хистеричен вртолум ги вцицува и ги вовлекува и сите оние што психопатолошки се идентифицираат со таквото бесно расфрлување на шарените коцкички и коцки на сите страни, без никаква смисла и логика, и прави ужасен јавен неред и хаос, нанесувајќи штети што не можат ниту да се избројат, ниту да се појмат. Зад разорниот и какофоничен национално-политички цунами што го предизвика еден таков предавнички лудак и осведочен криминалец заедно со останатите горди учесници на револуцијата што почнува со буквата ш (според англискиот превод) останува само стравотна агонија во нашиот дом што бил уредено среден и цивилизиран, и што потоа многу други умни, спокојни и разумни луѓе ќе мораат повторно да го цивилизираат, да го доведуваат во ред, за да го вратат во првичната нормална состојба и, во случајов, со години да го чистат направеното морално и материјално ѓубре во сите сегменти на јавниот и општествениот живот.
Ете, госпоѓо Арифи, таква е состојбата со лудаците, и затоа докторите ги држат таму каде што им е местото. Се разбира, доколку на големите браќа не им се потребни токму тие и такви уценети типови за разни подмолини цели, за какви е одбран и Зоран Заев, човек без душа и без никакви морални и какви и да е други скрупули, со еден збор марсовец, кој вие – не можам да ви се начудам! – го воспевате како некаков меѓународен џентлмен и политички маѓионичар, Дејвид Коперфилд на братството и единството и на модерната граѓанска демократија, кој само со еден мал храбар потег на 27 април ја минал бариерата од недемократијата кон демократијата.
Признавам, јас сосема сум согласен со вас во врска со тоа дека Зоран Заев, со својата предавничка и големоалбанска коалициска братија на 27 април со државен удар во Собранието на Република Македонија ја минал бариерата (некои револуционерни креатури од шарената р. со големо Ш – според англискиот превод – по социјалните мрежи таа бариера, замислете, дури ја нарекуваа Рубикон!) – да, велам, Зоран Заев бескрупулозно и без да му трепне око ја мина и последната цивилизациска, но и својата национална, македонска бариера – но не од недемократија кон демократија, како што вие, госпоѓо Арифи, тоа си го доживеавте, туку токму спротивното: од уредена демократија и цивилизирано општетсво кон барбарска предавничко-кримогена недемократија, всушност, кон политички „распашој” и тотално авторитарно преземање на државата.
На ова место го цитирам ступидниот уводен космогониски имагинариум од вашата колумна „Илинден”:
„Пред само неколку месеци во Македонија вееја други ветрови. Ветрови на силен страв, на национализам и шовинизам од широки размери. Ветрови на изолационизам, во време кога највисоките претставници на власта повикуваа на насилство, на ‘земање на судбината во свои раце’ наместо ‘седење дома по влечки’. На улиците се ширеше јасна омраза кон другите етникуми, вери, политички неистомисленици и претставниците на странски држави. Се зборуваше за ноќ на долгите ножеви, се пееја песни за ‘клетите шиптари’ и се објавуваа некролози за странските амбасадори. Целата таа омраза кулминираше на 27 април кога се дивееше во Собранието, за што одговорните сеуште никако да одговараат за своите злосторства. Каква срамна слика беше тоа за оваа држава, колку упорно се потрудија неколку лица да го задлабочат јазот помеѓу различните ентитети кои живеат во неа”.
Веројатно, госпоѓо Арифи, само вие добро знаете каде сте ја виделе Република Македонија како таков меѓунационален пекол со сета таа бесна омраза. И не знам дали вие самата сте се погледнала во огледало пред да напишете нешто така неразумно, полно со длабока омраза, бесрамно и неточно! Од сето тоа што го набројавте, точно е само тоа дека е страшно што извршителите на државниот удар од 27 април уште не одговараа и што сеуште не се во затвор господата Заев, Мухиќ, Џафери, Села и другите пучисти. А значењето на поимот „ентитети”, госпоѓо Арифи, што дури и низ ваков божемно помирлив и помирувачки текст на кој би требало да му веруваме, се обидувате на сила да го протуркате во јавна употреба во Република Македонија, нам многу добро ни е познато, така што неговото користење на цитираното место од вашата колумна воопшто не придонесува за смалување на меѓуетничкиот јаз, што е многу поточна формулација од вашите големоалбански „ентитети”, туку го прави токму спротивното.
Внимателно ја читав до крај вашата колумна. Се’ што кажавте подолу звучи слатко-балканоевропејски, залеано со многу елоквентен политички шербет, приготвен според албански кулинарски рецепт, но, за жал, кога на крајот со својата прикаска сосема не’ презашеќеривте, не ни дадовте пријателска чаша вода, што, како што знаете, е добар стар обичај кај сите нас во Македонија. Останавме жедни за ваша човечка и интелектуална искреност, а таа не само што кај вас сосема изостана, туку на нејзино место добивме само чаша горчлива сол, неискреност, лицемерие и јасна политичка предумисла.
Би било во ред да имате барем малку почит кон јавноста која добро ги разбира нештата што се случуваат во Република Македонија и околу неа, како и кон македонскиот народ кој многу добро си ја познава својата национална историја, но и својата безмилосно агресирана и узурпирана сегашност. Се разбира, освен оној дел од народот што како муви без глави се залепија за шарената стапица на криминалецот и предавник Зоран Заев и на дебело финансираната подземна логистика за создавање марионетска власт во Македонија од страна на подмолната, добро организирана и безочна странска, но и внатрешна, нескриено големоалбанска братија.
Зашто, со оглед на вашата академска титула, не можеме да веруваме дека баш толку ништо не разбирате и не знаете за крајно комплексните и чувствителни национално-историско-политички нешта за кои на македонската јавност и’ доцирате вака од високо, ex cathedra, како пред вас во магарешки клупи да седат аналфабети со долги уши што се обидувате да им ги наполните со некакво New Age аморфно локал-космополитско и кинеско културно-револуционерно едноумие од крајот на шеесеттите од минатиот век, кое од академски причини ни на ова место нема да го наречеме со неговото вистинско колоквијално име што почнува со буквата ш (според англискиот превод), а кое, госпоѓо Арифи, како што и вие добро знаете и сепак ни продавате рог за свеќа – нема никаква врска со нашата македонска општествена стварност, туку едноставно е дизајниран странски производ и е во функција на бескрајно алчните и агресивни светски неолиберални, воено-политички и финансиски центри на моќ.
И сега, читајќи ве натаму, и во колумната но и вас сосема буквално, имаме што да видиме. Пак цитирам дел од вашиот емфатичен, опиен, високопарен текст, кој до крај ја открива сета ваша заевштина, со која прецизно нишаневте, но, како и Заев, погодивте точно во големата буква Ш, според англискиот превод:
„И еве”, велите вие, „во овој Илинден, личи дека Македонија решила да ги реновира урнатите мостови и да изгради нови, наместо да остане мала, изолирана земја, со непријателски односи со сите наоколу во регионот, а и со светот. Денот започна со првото заедничко чествување на Илинден во Скопје, каде Борисов и Заев се поклонија пред гробот на Делчев. И сите останавме живи и здрави, спокојни и среќни, не се случи никаква апокалипса, ниту пак се изгуби Македонскиот идентитет кој некои го сметаат за паричка која наеднаш може да се изгуби како игла во сено и никогаш веќе да не се пронајде”.
Госпоѓо Арифи, ако не сте свесна за ова, морате да знаете дека секој збор што го напишавте во оваа ступидна одломка е длабока и дрска навреда за македонскиот народ. Токму спротивно од вашиот шербет-муабет, во светлината на предавничкиот договор сочинет исцело на штета на Република Македонија што, подготвен далеку од очите на македонскиот народ, претходниот ден го потпишаа Борисов и Заев, нивното „заедничко чествување на Илинден” беше најбедно понижување на целиот македонски народ и на сите народности што живеат во Македонија, како и на целото наше македонско заедничко минато. Последното што би сакал да го види Гоце Делчев, една од најблагородните и најчесни и непоткупливи личности што кога и да е живееле во нашите балкански простори – тоа е кутрата карикатурална слика како на гробот му се поклонуваат бугарскиот освојувач Борисов и македонскиот предавник Заев. А што се однесува до губењето на Македонскиот идентитет (како што вие цинично и одбивно го напишавте со голема буква М, што повеќе би му прилегало на познатиот примитивец и македономрзец Зијадин Села, одошто на една дама од академската заедница), морате да знаете дека кога националниот идентитет би се губел така за една минутка, нашите македонски тешки, болни и крвави национални борби со освојувачите и ограбувачите од сите страни на нашата татковина не би траеле стотина и педесет години, и како што гледате, за жал и чемер, сеуште траат. Затоа, вие кои размислувате сосема исто како квислингот и предавник Заев „останавте живи и здрави, спокојни и среќни”, како што напишавте, а јас додавам: особено среќни. А од апокалипсата сме, фала Богу, многу далеку, иако на предаторите тоа сеуште не им е јасно.
На крајот, за да биде уште поглупо, својата колумна неизбежно ја забиберивте со името на осведочениот пучист и од македонскиот народ непризнаен и презрен спикер на македонскиот Парламент Талат Џафери. Само него го чекавме и токму тој беше потребен да дојде на Мечкин Камен за да ни го открие благородниот мултиетнички карактер на славното македонско Илинденско востание. Тој факт и таа вистина, госпоѓо Арифи, од своето раѓање, со мајчиното млеко го прима и го знае секое дете во Македонија, а и целиот свет! И само неизмерната глупост, примитивизам и безобразлак на Заев и на Џафери го донесе последниов пред говорница во Крушево тоа да ни го соопшти, а вие да се воодушевите. И тој исфорсиран и приземен квази-политички чин, во погрешно време, на погрешно место, на погрешен начин и со сосема погрешен човек, како впрочем и вашата исцело промашена колумна на тема Илинден, веројатно напишана и пред да се случи големото Ништо и „државничкото” супефијаско на Џафери, претставуваат подеднакво големо промашување колку и немерлива непристојност и навреда на македонскиот народ. Тоа нема никаква врска со вистинскиот соживот за кој блаблате, со братството и единството и псевдо-космополитизмот за кои вие овде се обидувате да ни проповедате. Тоа е само уште едно големо Ш, според англискиот превод.
Да сумираме, потпишувањето на предавничкиот бугарско-заевски договор, далеку од очите и од срцето на македонскиот народ, приватно договореното Заев-Борисов заедничко бугарско-македонско чествување на Илинден со само двајцата спомнати карикарурални актери, и тотално бојкотираното обраќање на пучистот Талат Џафери пред речиси никого на Мечкин Камен според вас значи дека, пак го цитирам вашиот текст: „Ветрови на промена и надеж веат сега во Македонија. А пред неколку месеци, пред само неколку месеци, вееја некои други, бурни ветрови на страв и насилство”.
Но, госпоѓо Арифи, тоа е вашата поместена визија на нештата, на која, се разбира, во духот на демократските граѓански разлики имате право, но ние никако не ја делиме со вас и со вашите „револуционерно” вдахновени интелектуално-политички коалициски кругови. За жал, таквите и вам слични „демократски граѓански визионери” што одлично се разбираат во буквата ш, според англискиот превод, ни ја донесоа Република Македонија на ова дереџе. Но македонскиот народ ќе најде начин да се справи со својата автоимуна болест што се вика заевштина (криминал и предавство) и со таа ваша заедничка инстант херпес-политика, без каква и да е длабочина, и секако без трошка разум.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.