Господине Заев, Македонски манифест му обзнанува на македонскиот народ дека на 1ви август, 20017 година потпишавте со Бојко Борисов срамен велепредавнички договор за добрососедство во кој се фрлени под нозе, во кал македонските национални интереси и идеали. Таков, каков што е, со него Вие и вашата влада, парадоксално, си обезбедувате вечност во македонската колективна меморија, која, за жал, ги памети не само хероите и родољубите, туку и предавниците и одродниците.
Доволно е за вашето предавство да го споменеме откажувањето во договорот од генеричката основа на македонскиот јазик како автентичен производ на македонскиот дух и култура, кој е апсолутно посебен од бугарскиот. Но во вашиот (кој не е и на Македонците) договор македонскиот јазик, изместен според бугарска сугестија, од својот генерички извор е дефиниран со категоријата “уставен“, што значи изворно непостоечки, вештачки создаден со Устав. Дали воопшто знаете, Премиере, што е тој јазик како длабинска идентитетска одредница, вие и вашата на тој план апсолутно неука влада? Не знаете!
Второто крупно, неопростиво предавство во тој кукавички договор е откажувањето, односно премолчувањето на македонското малцинство во Пиринска Македонија, давајќи им за право на Бугарите дека воопшто и не постојат во изворната идентитетска смисла Македонци, туку само македонски Бугари, како што мисли Бојко Борисов и неговите.
Доволно е тоа. Нема да ја коментираме “заедничката“ историја и чествување, уште еден голем ступидариум на тој квинслишки договор. Толку, Премиере. Македонски манифест знае дека вашите громогласно прокламирани реформи почнаа, имено, главно со најперфидно раскрчмување на македонскиот идентитет, а се со цел да биде задоволена страста на вас и на вашата влада за фузија со евроатлантските структури во кои сакате да го внесете овој народ лишен од сопственото генеричко име и идентитет, како живи безлични мртовци. А тоа е злосторство од прв ред. Откажете се додека е време од него. Македонскиот народ, кој за жал сега е и од лево и од десно дезориентиран и во апатична фаза, знае и веќе го препознава тоа злосторство за кое, ако не запрете, ќе одговарате пред него. Нема да ви прости.
Македонски манифест
Ефтим Клетников
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.