Да ги помириме минатото и сегашноста заради идината на Македонија, порача Зоран Заев пред денешното заедничко поклонение со бугарскиот премиер Бојко Борисов на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Очекуваме секој да се вгради себеси во процесите кои испишуваат нова историја за Република Македонија, истакна Заев и повика на заедништво.
– На 114 години од Илинден и 73 годишнината од Првото заседание на АСНОМ изразувам одлучна верба за јасна иднина. Има светла иднина за нашата Република Македонија и има иднина за секого во оваа наша убава земја. Историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на коишто почнавме да ја градиме европската и евроатлантската иднинана РМ која што води до квалитетен живот. Го послушавме Делчев кој ни рече да не се губи времето. Се здруживме и ги подадовме раце помеѓу нас и создадовме пат кон развојот. За развојот се потребни доброволно подадени раце на граѓани и народи кои се потпираат и поддржуваат и така заеднички чекорат стабилно напред- рече Заев.
Тој упати апел за максимална одговорност и сериозност на сите граѓани и институции и истакна дека ова е време кога правиме исчекор. Се повика на Манифестот од АСНОМ.
– Каква Македонија ќе изградиме, таква и ќе имаме – рече Заев. Македонија, додаде, даде пример како да се исчекори.
Тој додаде дека регионот почна да се однесува европски и затоа заслужува шанса што членките на ЕУ и на НАТО го препознаа во Трст, а истото го очекува денеска во Подгорица од потпретседателот на САД, Мајк Пенс. Заев подвлече дека Македонија пружа раце и кон другите соседи. Тој повторно се осврна на Илинден нагласувајќи дека треба да ја послушаме пораката на Делчев да не се губи време.
– Затоа се здруживме заедно за да направиме чекор напред, бидејќи на Македонија и треба стабилност и развој. Борците од Илинден и од АСНОМ се нашиот завет, Македонија да ја чуваме и градиме заедно. Тој збор заедно е гаранција за иднината – нагласи Заев.
Тој повтори дека треба да покажеме одговорност кон себе и кон регионот за сите да одиме кон демократскиот свет.
По обраќањето на кое присуствуваа членови на владите и на парламентите на двете земји, претставници на политички партии и на дипломатскиот кор, двајцата премиери Заев и Борисов положија цвеќе и се поклонија пред гробот на Гоце Делчев.
Со денешната церемонија на гробот на Гоце Делчев заврши дводневната посета на бугарскиот премиер Борисов на Македонија во чии рамки беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.