Зоран Заев и неговите поддржувачи се на пат да дознаат дека, во балканските политички игри, кога ќе најавиш дека си подготвен да ја виткаш „кичмата“, вели новинарот Цветин Чилиманов, тоа за соперникот не е сигнал да го прифати твоето попуштање како знак на доблест на која треба да одговори со попустливост, туку како знак на слабост на која треба да одговори така што ќе ти ја скрши и тоа малку „кичма“ што ја имаш.
Од првиот ден од стапување на власт, па и пред тоа Заев сигнализира слабост кон нашите соседи, по сите стратегиски важни прашања и по сите теми што традиционално ги движат националистичките дискурси во регионот, и тоа е исклучително опасно имајќи предвид во каков регион живееме. Силна, суверена, стабилна Македонија е гаранција за стабилноста на регионот. Македонија под Заев е слаба и уценета и како таква може само да предизвика поголем национализам во нашите соседни држави и продлабочување на проблемите што досега ни беа наметнувани.
Јас сум убеден, а веќе ги гледаме и првите провокативни сигнали, дека новата политика на Заев отвора нови проблеми во македонските односи со соседите, место да ги затвори постојните. Заев и СДС сега влегуваат во еден процес во кој, со мнозинство од еден пратеник во Собранието, се обидуваат да постигнат договор за решавање на еден од најкомпликуваните проблеми во регионот, спорот за името. Тоа решение го бараме со Грција, каде што премиерот Алексис Ципрас, исто така, има никакво мнозинство, од двајца пратеници, и тоа го има само благодарение на коалицијата со крајно националистичката партија на Панос Каменос. И Ципрас и Заев знаат дека се непопуларни кај народот и дека не ја уживаат граѓанската легитимност. Притоа, сосема е јасно дека грчката влада, каде што носечката партија самата е против грчкото членство во НАТО, е длабоко инфилтрирана од Русија и претставува своевиден Тројански коњ во НАТО.
Оттаму, шансите да се постигне макар и формално решение на спорот за името се исклучително мали, а шансите да се постигне стабилно решение на спорот, кое, навистина, ќе придонесе кон стабилноста на регионот и кон добрососедските односи се никакви. Принудувањето два народа да постигнат договор, кој ниту едните ниту другите не сакаат да го постигнат, само дополнително ги влошува односите. Гледаме дека, колку што меѓународниот фактор посилно притиска кон Македонија да се постигне неповолно решение на спорот и да се смени легитимно избраната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, паралелно тоне поддршката за членството во НАТО.
Со сила не бива убавина, и сите ќе живееме долго време со последиците од кризата од изминативе неколку години, кога и како и да заврши таа. Од друга страна, дефинитивно е јасно дека, и покрај бруталните пропагандистички притисоци, фабрикуваните судски притисоци, па и воените притисоци, кои во голема мера беа поддржани од западни држави, ВМРО-ДПМНЕ остана принципиелно прозападно определена, свесна дека која било друга определба носи катастрофални последици за Македонија и за Македонците. Останува само да се надеваме дека со бавните, но извесни темелни промени во западните држави, безобразната и непринципиелна политика кон Македонија ќе се смени и дека наскоро историската политичка ориентација на нашите партии ќе си дојде на своите природни места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.