Директорот на охридскиот театар Горан Стојановски е наредниот на листата за отстрел на „политички неподобни“ директори на институции чии „егзекуции“ се спроведуваат од страна на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.
Курир, повикувајќи се на свои извори, објавува дека и кај Стојановски по истиот метод по кој ги бркаше директорите на другите театри, била испратена инспекција со задача да најде каков било основ за разрешување на Стојановски. Според досегашната пракса, доколку може да се измисли какво било „незаконско работење“ тоа ќе биде официјалниот повод за смената на почитуваниот актер Стојановски.
Доколку инспекциите не најдат ништо, има план Б. Според тој план и познатиот „Џемо Биљбиљ“ или „началникот“ од „Сомнително лице“ ќе биде одбележан со „жолта ѕвезда“ не како осомничен туку како осуден од страна на фашизоидните креатори на политика во културата, и како прогласен за човек „под контрола на Груевски“ ќе биде разрешен од својата позиција.
Откако Алаѓозовски ќе го означи Стојановски како непријател на партијата на власт, потоа ќе влезе во ослободување на Охридскиот театар од „вмровските кадри“ и ќе го смени инаку ценетиот и почитуван директор кој е во охридскиот театар од неговото само формирање како професионален театар, прв таков во историјата на градот под Самоиловите кули.
За негов наследник најверојатно ќе биде назначен актерот Стрезо Стаматовски, информација која порталот Охрид1 ја објави уште на 3-ти јули:
Во Охрид Алаѓозовски започна со политичкиот прогон и партиските чистки уште пред неколку дена кога донесе одлука за смена на директорот на „Охридско Лето“ на десет дена по почнување на фестивалот. Ваквата одлука беше оценета како високо неморална и крајно неетичка дури и од најжестоките медиумски поддржувачи на СДСМ во Охрид.
Вчера пак, повторно противзаконски и без причина беше сменета директорката на Националната установа Завод и Музеј Тања Паскали Бунташеска, една од најуспешите раководители на оваа институција во историјата.
Изутрината театарот на трагедијата на Алаѓозовски зеде уште една „жртва“: сменет беше и директорот на Драмскиот театар во Скопје Роберт Вељановски, а на негово место беше ставен, ни помалку ни повеќе, Сашо Тасевски, човекот кој иако е актер, најпознат е зашто со кочијашки речник и аферашење по Фејсбук беспоштедно одработуваше за Зоран Заев и СДСМ во изминатите неколку години.
Ваквите катастрофални политики комплетно ја демаскираат агендата на новата влада која тврдеше дека ќе се залага за унапредување на институциите и против партизација. На дело гледаме само брутално и насилно бркање на луѓе од раководни позиции единствено според политичка проценка, а не според начинот и квалитетот со кој ја извршувале својата работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.