По две победи и два порази, машката младинска ракометна репрезентација на Македонија вечерва (19 ч.) против Бразил го игра последниот и воедно решавачки натпревар од групната фаза на Светското првенство за ракометари до 21 година во Алжир.
За место меѓу првите четири селекции во групата Ц кои ќе го продолжат настапот во осминафиналето на СП, на македонските ракометари им треба најмалку бод во верчерашниот дуел.
Шпанија со максимални четири победи веќе го обезбеди првото место во групата и пласманот во Топ 16. Тунис со пет бода исто така е сигурен патник во осминафиналето независно од исходот на вечерашниот дуел против Шпанија, а за другите две места се борат Македонија, Русија и Бразил.
Победа против Бразил, но и со пораз на Тунис од Шпанија, ја носи Македонија на втората позиција во групата, што пак обезбедува и релативно полесен противник во осминафиналето во кое во тој случај вкрстуваме со Алжир или со Аргентина.
Доколку Македонија и Бразил вечерва одиграат нерешено, тогаш може да се случи четири репрезентации да завршат со пет бода, а во тој круг од меѓусебните резултати Македонија има позиција за осминафинале благодарение на убедливата победа протрив Русија на стартот (29-22).
Со евентуален пораз од Бразил, Македонија ќе заврши на 5.место во групата и ќе игра во Президент купот за пласман од 17 до 24.место.
Пласманот во осминафиналето беше зацртано како примарна цел за македонската репрезентација пред стартот на првенството. Воедно, ова е и последна шанса за поголем дел од македонските репрезентативци да забележат позначаен резултат во нивниот последен настап во младинска категорија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.