| четврток, 6 декември 2018 |

Изложбата „АрхиТРАНСформа-Archiбелези“од Јасминка Намичева и Екатерина Намичева во Музеј на град Скопје

Во Музејот на град Скопје на 26 јули 2017 година,во 20 часот,во чест на одбележувањето 54 години од катастрофалниот земјотерс од 1963 година,ќе биде отворена изложбата насловена АрхиТРАНСформа-Archiбелези,од авторите арх.Јасминка Намичева и арх.Екатерина Намичева,на која преку презентирани архивски документи,фотографии и реконструкции на градбите, е направен преглед на училишните објекти во Скопје, изградени во периодот помеѓу двете светски војни(1918-1941година). Презентирањето на  теми преку кои се рехабилитираат/реконструираат мемориски матрици кои граѓаните на Скопје ги носат во себе веке 54 години, секогаш, претставува огромна одговорност и кон живите и кон починатите граѓани  на овој град.Старата железничка станица во која е сместен од 1971 година до денеска Музејот на град Скопје, како објект е симбол на земјотресно Скопје,но истовремено е институција која ја има честа  повеќе од 40 години да ја чува и негува меморијата за овој град, пред и по катастрофата која му се случи.Затоа секогаш со многу внимателен и студиозен приод, откинуваме по некое „скопско ќоше“ од пазувите на историјата,за да тагуваме по него, но и да му се радуваме заедно.

Изложбата навидум само прикажува градби кои ќе рехабилитираат во колективната меморија слики од Скопје од изминати десетлетија,сеќавања завиткани со превезот на љубовта кон овој град,која ја негуваат генерациите скопјани што го изживеале тој свој младешки живот.Но истовремено,овие градби,и ваквото Скопје е далечно минато и туѓо време за генерациите кои ги апсорбираат и градат сопствените кодни слики од сегашниот момент на живеење.Секоја генерација во своите сеќавања вградува сопствен отпечаток од сликата за градот-составена од градбите останати како белези од изминатите времиња,(АРХИбелези)или пак од оние кои во моментот никнуваат и го трансформираат/подмладуваат архитектонското лице на градот.И едните и другите-дела на вешти неимари,народни градители,наобразени архитекти,планери,конструктори,дизајнери-сите се дел од културната матрица која секој од нас ја носи како белег од својот град,но и по која не препознаваат насекаде во светот.И сега и во иднина.Токму затоа авторите на изложбата сметаат дека,архитектонските примери изградени безмалку пред столетие,би било корисно,уште еднаш да бидат анализирани како  искуства во кои   биле вешто вградени некои предходни градителски традиции,но при тоа имајќи силно чувство за современиот момент и печатот кој тие  градби задолжително треба да го носат.

Исчезнатите градби од кои е исткаена мемориската слика за еден град,како и оние кои успеале да опстојат и да му пркосат на времето околу нас-сите заедно, живо  ја надополнуваат калеидоскопската маѓија зад драгите лица на блиските луѓе,извлекувајќи ја нашата насмевка секогаш кога ќе помислиме на моментите поминати со нив.Таквите кодни слики,го разбиструваат превезот на заборавот,не следат и ни го греат срцето,каде и да сме.

Училишните згради и ученичкиот живот поминат во нив,е токму таква една кодна слика која овој пат се  осмелуваме да ја реконструираме пред граѓаните на Скопје,одбележувајки изминати 54 години од катастрофата која го разори и архитектонското и животното било на градот.Најголемиот дел од анализираните објекти ќе го потврдат значењето на творештвото на архитектите кои твореле во Скопје во меѓувоениот период,но уште повеќе ќе бидат повод за уште едно навраќање во детството за сите граѓани на Скопје кои своите коленици многупати ги имаат одрано од школските дворови околу овие објекти;кои можеби своите први љубови ги доживеале тука;но најмногу од се за ова „парче историја“ ги врзува  фактот дека зад овие порти некои „вистински луѓе“ од  нив создале добри луѓе.Впрочем, сите кои ги делат своите сеќавања за ова изминато време ја споделуваат истата љубов кон „нашето Скопје“

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top