Македонскиот фудбалски првак Вардар објави соопштение пред натпреварот против Копенхаген во Лигата на шампионите и соопшти дека истиот е прогласен за меч од висок ризик.
Вардарци и данскиот тим ќе се соочат во вторник, а од Вардар апелираат гледачите да дојдат на стадион најдоцна до 19.30 часот, кога има наредба од УЕФА да се затворат вратите на „Телеком арената”.
– Натпреварот Вардар – Копенхаген е прогласен за меч од висок ризик. Ги молиме сите кои ќе присуствуваат на стадионот, да стигнат порано за да се избегнат големите гужви на стадионот. Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 18 часот, а по наредба на УЕФА ќе треба да се затворат во 19.30 часот. Исто така Ве замолуваме да не носите со себе чанти, тврди предмети, парички, запалки, во спротивно ќе Ви бидат одземени на самиот влез на стадионот – велат од Вардар.
Билетарницата на „Телеком арената” за тие што не набавиле билети за средбата ќе работи в понеделник и во вторник од 12 до 19 часот.
Тие што имаат влезници со блоковите 1, 2 и 3 на јужната трибина, влегуваат на влезот меѓу јужната и западната трибина. Истото се однесува за тие кои имаат билети за западната трибина. Тие што имаат билети со блоковите 4, 5 и 6, влегуваат на спротивникот влез, односно меѓу јужната и источната трибина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.