Во Музејот на Град Скопје, во рамките на „Скопско лето“, што го организира Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, вечерва ќе се одржи промоција на романот на Владимир Плавевски „Земјотрес, 5:17“, кој неодамна го објави „Македоника литера“, а кој е тематски врзан за земјотресната катаклизма на Скопје на 26 јули 1963 година.
За романот ќе зборува Данило Коцевски, литературен критичар и хроничар на Скопје, а извадоци ќе чита Снежана Конеска–Руси.
Плавевски во романот раскажува драматична приказна, а сугестивно и сликовито ги опишува катастрофата, животните премрежиња и страдањата на скопјани во земјотресот. Приказната се потпира врз многу веродостојни факти и документи, при што авторот преку опишаните настани преточени во уметничка проза – врши уверлива реконструкција на настани пред и по земјотресот.
Романот е посветен на трагични теми од историјата на градот, но во сите тие мачни, мрачни и тегобни сцени, слики и епизоди, најдолго се провлекува една љубовна приказна. Токму таа приказна е нишката која ги поврзува сите епизоди на ова дело.
Приказната тече во три паралелни дискурси – двата ги водат главните јунаци на љубовната приказна, а третиот дискурс, се појавува подоцна, го води спореден јунак, но мошне клучен за некои расплети. Ваквиот пристап само уште повеќе ѝ дава динамика на приказната, а на романот му дава уште покомплексна структура,
Владимир Плавевски (1948) е романсиер, раскажувач, драмски писател, фотограф, сценарист и режисер.
Ги објавил романите: „Цена од Ново Маало (2009)“, „Последниот сплавар на Вардар“ (2010, второ издание со наслов „Сплаварот“), „Јадица“ (2013 – награда Роман на годината, две изданија), „Комита“ (2015), книгите со раскази: „Играч на фанта“ (1999), „Амкање“, (2001), „Ловец на самовили“ (2004), „Поплава“ (2006), „Вистински приказни“ (2011); како и книгите: „Градител на боговите“ (1997, псевдоантичка трагедија), „Папарацо – феномен на денешнината“ (1997) и „Фотографија“ (1998).
Негови романи се преведени на полски и бугарски јазик.
Добитник е на повеќе награди на конкурси за расказ.
Автор е на драмски дела за театар, сценарија за телевизиски филмови, играни серии, радиодрами…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.