Младите македонски ракометари ја запишаа втората победа во вториот натпревар на Светското младинско првненство за играчи до 21 година што се одржува во Алжир. Супериорно и без поголеми проблеми избраниците на селекторот Илија Темелковски триумфираа против дебитантот на СП, репрезентацијата на Буркина Фасо со 20-48.
За разлика од првиот дуел со Русија кој практично беше решен во последните минути, против Буркина Фасо работите очекувано одеа многу полесно. Со седум гола во серија, Македонија се одлепи на 7-1 уште по првите десет минути од натпреварот. До 20 минута „црвено-жолтите“ примија само два гола и стигнаа до двоцифрена предност поведувајќи со 20-2. Сигурната позитива и инфериорноста на противникот му остави простор на селекторот Илија Темелковски да им даде шанса и на играчите од клупата која тие добро ја искористија и Македонија на одмор по првите 30 минути замина со предност од 23-8.
Високата предност донесе мала опуштеност кај македонскиот состав на стартот од второто полувреме кога ракометарите на Буркина Фасо успеаја да постигнат пет гола во првите десет минути и намалија на 26-12. Сепак „црвено-жолтите“ брзо фатија ритам и рутински ја зголемуваа предност. На средината од второто полувреме стигнаа на +20 со погодокот на Мице Шилегов за 35-15. До крајот на натпреварот само рутински ја зголемуваа предноста и ја запишаа втората победа на мундијалот во Алжир со убедливи 28 гола разлика. Најефикасен во македонската репрезентација беше Димитар Димитриоски со осум гола, по шест погодоци постигнаа Палевски, Петровски, Џонов и Лазаревски.
Македонија и Шпанија имаат максимален учинок и се на првите две места во групата со по четири бода. Во третиот натпревар, утре со почеток во 19 часот, Македонија игра против селекцијата на Тунис, а потоа следуваат последните два натпревари од групната фаза со Шпанија и со Бразил. Пласман во осминафиналето обезбедуваат првите четири репрезентации од групата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.