| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорѓиевски: Судот не треба да потклекнува под политичкиот притисок на СДС

Одлуките на Апелациониот суд, со кои не се вратија патните исправи на лицата кои се политички гонети од СЈО се конформистички и не кореспондираат со реалноста, истакна денеска пред Апелациониот суд Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Одлуките се донесени повеќе како компромис. За да не изгледа дека судот ги отфрлил само апсурдните барања на СЈО за притвори и поригорозни мерки, истиот ги отфрла и жалбите на одбраната за враќање на патните исправи односно укинување на мерките за обезбедување. Реална опасност за бегство нема. Судот не треба да потклекнува под политичкиот притисок на СДС или пак под канонадата на разни неосновани барања на СЈО, рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека Судот своите одлуки треба да ги донесува исклучиво врз база на Устав и закон и никако поинаку. Судот и судиите треба да покажат интегритет и да не работат по ничиј диктат, бидејќи тоа е нивна обврска пред Уставот на државата.

-Мерките на претпазливост и обезбедување присуство кои СЈО од почетокот на своите истраги до денес ги побара за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се крајно неосновани. Истите служеа само како материјал за медиумските фанфари на СДС. Последните образложенија на СЈО во барањата за одземање на патните исправи се апсурдни. Дури и правник од втора година правен факултет ќе сфати дека се работи за тенденциозност во делувањето, а не за реална потреба на истрагата.Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се политичари со изграден лик и почит помеѓу граѓаните, но и широки мегународни кругови, каде уживаат голем углед граден со години. Истите поради природата на својата работа имаат чести патувања и ако сакале досега да се впуштат во бегство, тоа можеле да го сторат безброј пати, изјави Ѓорѓиевски.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, нема сторено ниту едно кривично дело и затоа нема потреба од бегство.

-ВМРО-ДПМНЕ верува во органите на правосудниот систем и принципите на владеење на правото и секогаш ќе биде достапно пред истите. Судот не треба да се впушта во политички игри, а своето одлучување треба да го темели само врз законски пропишаните норми, рече Ѓорѓиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top