| четврток, 6 декември 2018 |

Младинците максимално подготовени го стартуваат мундијалот во Алжир

Денеска од 15.00 часот по македонско време со натпревар против селекцијата на Русија, младинска ракометна репрезентација на Македонија го почнува настапот на Светското првенство во Алжир. Нашата делегација вчера пристигна во Алжир и веќе го одработи и првиот тренинг во салата каде ќе се игра натпреварот. Избраниците на Илија Темелковски максимално подготвени ја очекуваат средбата со Зборнаја, која може да има огромно значење за посакуваниот пласман во втората елиминациска фаза од Првенството.

По натпреварот со Русија следува слободен ден за нашата репрезентација, а следната средба е во четврток од 21.00 часот против Буркина Фасо. В петок од 19.00 часот играме против Тунис по што следува уште еден слободен ден пред последните две средби со Шпанија на 23 јули од 19.00 часот и со Бразил на 24 јули во истиот термин за крај на групната фаза.

Најдобропласираните четири репрезентации од групата ги продолжуваат натпреварите во осминафиналната елиминациска фаза, која ќе се игра на 26 јули. Во случај на пласман понатаму, Македонија ќе игра против некоја од репрезентациите од групата Д во која се Хрватска, Исланд, Алжир, Саудиска Арабија, Аргентина и Мароко.

Во склоп на подготвителниот период за СП во Алжир, нашата репрезентација тренираше во Скопје и во Маврово, а одигра и две пријателски средби против Катар во Доха на кои оствари една победа и еден пораз. Селекторот Темелковски за Првенството на располагање ќе ги има следните ракометари: Филип Талески, Филип Кузмановски, Филип Арсеновски, Мартин Томовски, Мартин Велковски, Милан Лазаревски, Марио Танкоски, Марко Нелоски, Мице Шилегов, Давор Палевски, Дарио Петровски, Томислав Јагуриновски, Димитар Димитриоски, Никола Даниловски, Иван Џонов и Горан Крстевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top