По речиси две децении независност Македонија успеа да ја неутрализира силната мрежа на соработници на грчките тајни служби во земјава. Овие информации, сепак, не ги објавуваат македонските институции, кои молчат за овој вид конфликт, кој е присутен од првиот момент кога Грција во осумдесеттие години на дваесеттиот век антиципира за создавање независна македонска држава.
Со објавување на дел од тајните преписки меѓу високи грчки претставници од страна на „Викиликс“ почнува и откривање на податоците за распадот на грчката тајна мрежа во Македонија. Нив ги објавуваат поранешни и сегашни оперативци на службите преку медиуми и блогови во Грција. Дел од нив се незадоволни од начинот на кој нивната држава, од апсолутно најорганизираната сила во регионот на тој план, прераснува во служба без очи и уши, што може значително да ја влоши безбедносната состојба. И покрај долгогодишното членството во НАТО и во ЕУ, Грција, според многумина, има чудна навика, во нешто поблага форма од режимот на Енвер Хоџа, сѐ уште да ги плаши своите граѓани дека најголемата опасност за земјата лежи во територијалните претензии на своите соседи Турција, Македонија и Албанија.
Грците не купувале македонски фирми на слепо
Во подготовките на приватизацијата на голем дел од македонските стопански субјекти, особено во периодот од 1998 година до 2004 година, активно учество имале и агенти и аналитичари на грчките служби, кои користејќи разузнавачки методи и контакти имале точни сознанија за состојбата на компаниите и на пазарот, како и за профитот што можел да се направи со купување успешни македонски фирми во таканаречените стратегиски сектори. Во овој период, грчки компании влегоа во повеќе од 200 помали и средни фирми, кои подоцна им донесоа огромен приходи на новите сопственици. Дел од нив своите производи ги продаваат и на Косово и во целиот регион. Зошто никој во Македонија не можеше да предвиди дека продажбата на стратегиски стопански субјекти на странци е грешка, сѐ уште останува енигма.
А, токму соработничките мрежи на грчката воена служба во овие три земји е во распад ако може да им се верува на низа медиуми и блогови, кои во минатото покажале дека имаат прецизни информации за состојбата на терен. Имено, дел од овие медиуми, кои неретко се формирани или финансирани од самите служби со цел да влијаат на јавноста или да ги манипулираат информации од таен карактер, сега сѐ почесто лиферуваат информации според кои Грција веќе го нема моќниот систем од соработници во државните институции, дипломатијата и медиуми во соседните земји. Според нив, распадот на мрежата на соработници почнува во последните неколку години, од почетокот на финансиската криза и влезот на нови луѓе во службите за безбедност, кои често и отворено доаѓаат во конфликт со кадрите активни уште од времето на Караманлис или дури и на старите лидери Папандреу Постариот, Мицотакис и Симитис. Инаку, Грција, исто како и Бугарија, во Македонија не е активна преку своите цивилни служби за безбедност туку преку Националната служба за разузнавање (ЕИП), која иако на ниво на директори е водена од цивилни лица, во својата активност користи воени методи и внатрешна поставеност. Ова е крајно невообичаено и во меѓународни рамки затоа што воените служби се активни во ситуација кога една земја има директна закана за воен конфликт од друга земја, а Македонија, според ниеден познат критериум, не може да се смести во категоријата – отворена закана за конфликт. Слично на Грција, и Бугарија и Албанија, и покрај пријателските односи, земјава ја „покриваат“ преку својата воена а не цивилна тајна служба.
Тројца грчки шпиони откриени во Турција
Дебаклот на грчките тајни служби е уште поголем во Турција отколку во Македонија, тврдат доброинформираните грчки блогери. Како пример во овој правец се споменува апсењето на тројца грчки агенти во Истанбул, при што за едниот се наведува дека починал во затвор во Турција, а за другите двајца нема податоци каде се во моментот. Апсењето на тројцата агенти на Националната служба за разузнавање, според медиумите, значело крај на најголемиот дел од со децении етаблираната грчка мрежа во Турција, на која се потрошени стотици милиони долари црни пари.
Според информациите, распадот на грчкиот разузнавачки октопод во регионот и во Македонија почнува со елиминација на висок соработник на службите во Скопје минатата година, по што во неколку наврати од грчки затвори, како на пример од затворот во Трикала, во сѐ уште нерасчистени околности, бегаат десетина албански државјани осудени за тешки злосторства. Притоа никој од тие што тврдат дека меѓу двата настана има поврзаност, како на пример блогот greece-salonika.blogspot.com, не дава прецизни информации за врската меѓу грчкиот оперативец во Македонија со албанските затвореници. Со овие два случаја, тврди блогот, во регионот почнува интензивна невидлива војна меѓу шпионите и валканите дејности на тајните служби во регионот.
Според Георгиос Филипикис и нискотиражниот весник „Елада“ на Грција во моментов ѝ се случува сериозна криза на ова поле при што за тоа се обвинува претходната администрација на ЕИП, која дозволила во делови во грчкиот печат да биде обелоденета целата шпионска мрежа што постои во соседната земја, овде се мисли на Македонија, а која, според весникот, е предводена од грчки бизнисмен активен на полето на образованието.
Според делови од грчките медиуми и блогови, ни Македонија не е пасивна на ова поле. Во текстовите на оваа тема се тврди дека официјално Скопје се обидува во Грција да влијае преку две невладини организации, кои се залагаат за слобода на изразување на македонскиот идентитет. Грчките служби се сомневаат дека во овие активности Македонија добива поддршка од турски инсталации во земјата, кои имаат иста цел како и македонските, а тоа е добивање повеќе права за малцинствата, кои, со исклучок на муслиманите, немаат никакво право на користење мајчин јазик или други верски и образовни права.
Според објавениот извештај, „споменатата група што се возеше во комбито, во текот на следењето на целта, комуницираше преку телефон со други соработници. Ова возило беше забележано на булевар Маратон на ридот Пикермиу и се проценува дека ја забележува брзината на поворката, придружните автомобили, членови на придружбата и слични податоци. Исто така, на истата точка (булевар Маратон на ридот Пикермиу), како во март, така и во април, е идентификувано возило тип комби, марка „форд транзит“, со тегет боја, со грчки таблици (како што е идентификувано, лажни).
Документите на „Викиликс“ го открија и заговорот за „атентат врз Караманлис“
Случајот за обид за убиство, кој Русите тврдат дека се подготвувал против Константинос Караманлис во 2008 година, предизвика сензација во грчката јавност, но сѐ уште нема прецизни информации колку има вистина во приказната објавена во неколку медиуми. Во документот на ЕИП, објавен во „Епикаира“ (Επίκαιρα), грчките аналитичари на службата се резервирани во врска со валидноста на тезите на проруските оперативци. Во дневниот билтен на ЕИП од 5 февруари 2009 година се вели дека работна група од 19 члена на ФСБ (Руската федерална служба за безбедност), која дејствува во Атика од март 2008 година со цел „обид за прислушување“ разговори што се воделе меѓу Караманлис, Путин и Прванов во овој период, евидентирала дека за време на патувањето на грчкиот премиер од своето живеалиште во Рафина до својата канцеларија, е идентификувано возило тип комби, марка „тојота хиас“, со боја на крем, кое се движи постојано во текот на наведеното движење по должина на оваа патека и сѐ до височината на улицата Атики кај олимпискиот стадион. Во ова возило, кое има грчки таблици (како што е идентификувано, лажни) се превезуваат најчесто три-четири луѓе. Целта на следењето (на Караманлис) се карактеризира како професионално и се интензивира од почетокот на април 2008 година.
Во извештајот се тврди дека од истражувањето на групата за „следење“ на ФСБ на патниците на наведените возила, произлезе дека посебно комбито, марка тојота хиас“, крем боја, обично се превезуваа четворица мажи, од кои тројца црномурни (не црнци, б.н.) и еден со кафена коса, во комбито марка „форд транзит“, тројца мажи и во автомобилот марка БМВ, две жени. Вкупниот број на учесници во текот на целиот процес на следење се проценува на 20 членови, кои не припаѓаат на просторот што го следеа. За време на прислушувањето на телефонските разговори е констатирано дека патниците на овие возила зборуваа грчки, додека консултациите меѓу различните групи се остваруваше преку мобилни телефони. На претходно споменатата средба на трите возила во Халаргу (почеток на јуни 2008 година), се утврди и присуството уште на две лица (млади луѓе), кои, според процените, беа Европејци, се чини со британско потекло.
При увидот на возилата што дошле во близок контакт со групите за следење биле пронајдени хартии во кои биле забележано плановите на средбите на групата за следење и поддршка, мапи во областа, двоглед со ноќно набљудување, експлозив Ц-4, оружје „токарев“ и „калашников“, маскирни материјали (нови и искористени), комуникациски системи синхронизирани на френквенцијата на грчката полиција, далечински управувач, храна и планови.
Според анализата на грчките служби и центарот на ФСБ во Москва, податоците покажуваат дека се работи за организиран план за следење на целта (премиерот Караманлис) организиран од страна на западни разузнавачки служби со учество на припадници на службата на Израел. Според нив, планот бил спроведен, главно, од Грци, а целта била откажување или одложување на енергетската политика на земјата.
Според анализата, лидерот на тогашната грчка опозиција (Јорго Папандреу) од Алекс Рондо (советник на претседателот на Грузија), имал во свои раце проект на Американците за одложување или откажување од гасоводот „Јужен тек“. Планот за напад на целта е дел од целиот план за дестабилизација на државата под кодно име „ПИТИА 1“ и вклучува политичка нестабилност со случајот „Ватопеди“, економска дестабилизација, социјална дестабилизиација реализирана преку различни форми на социјални немири, вклучувајќи и акти на тероризам и различни проблеми во надворешната политика.
Самарас води, никој не сака предвремени избори
Најновата анкета, објавена пред три дена по нарачка на телевизиската станица „Мега“, а направена по повод една година од изборите и формирањето на новата грчка влада, покажува дека Нова демократија сѐ уште е во водство. Партијата на премиерот Антонис Самарас има поддршка од 21,3 процент од гласачите, што е скок за еден процент споредено со ноември минатата година. Следува Сириза на Ципрас, која пред половина година имала речиси три проценти поголема поддршка, а трета политичка сила во земјава е профашистичката Златна зора со стабилен рејтинг од 10 проценти. Пансоцијалистичката ПАСОК има 6,7 проценти, Независни Грци 6,4 проценти, Комунистите 5,8 проценти, а Демократската левица 5,1 проценти од гласовите според анкетата. Останатите партии имаат помалку од три проценти поддршка и засега немаат шанси за влез во Парламентот.
Дури 54 проценти од анкетираните очекуваат во идните две-три години животот да им се влоши, 30 проценти да им остане ист, а само 13,5 проценти очекуваат подобри денови. И покрај големото незадоволство кај граѓаните, политичките аналитичари говорат за стабилизирање на силите на политичките партии. Интересно е што темата предвремени избори, која беше актуелна во целиот период од економската криза кај јужниот сосед, а за која најмногу говореше опозиционерот Ципрас, веќе не е тема на расправа. Никој сериозен политичар во Грција не зборува ниту бара предвремени парламентарни избори.
(објавено во 39. број на неделникот „Република“, 31.05.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.