| четврток, 6 декември 2018 |

Мицковски до СДС: Почнете да ги решавате проблемите, затоа сте седнати во тие фотелји

Во денешната емисија Топ тема на ваша страна, телевизија Телма гостуваа Христијан Мицковски, Атанаско Тунески и Драган Миновски. Се отвори дискусија на повеќе теми каде беа отворени прашањата за Потрошувачката на мазут во РЕК Битола и за проблемите во изградбата на инфраструктурните проекти.

На прашањето зошто ЕЛЕМ, односно РЕК Битола потрошила повеќе мазут, Мицковски одговори дека тоа е поради квалитетот на јагленот од површинските копови. Тој нагласи дека според рударите, кога рудникот е при крај од експлатацијата тогаш јагленот е неквалитетен и затоа е потребно повеќе мазут. Но сега состојбата е поинаква со новиот коп и е значително намалена потрошувачката на мазут.

На темата за инфраструктурата поточно автопатите и проблемите во изградбата, Христијан Мицковски појасни дека проектот  е од 2005 година и потенцираше дека тогаш на власт била СДСМ. А дека средствата за проектот се добиени подоцна.

Атанаско Тунески го проблематизираше случајот со далноводот кој минува над автопатот и за кој е потребна дислокација. Тунески упати на ЕЛЕМ, на што доби одговор од Мицковски дека тоа е далновод кој е во сопственост на МЕПСО.

Мицковски истакна и дека надлежните од владата на СДСМ не треба постојано да се жалат, затоа се седнати на тие столчиња, за да ги решаваат тие проблеми. При проектирање се прават геолошки испитувања со кои не може да се испитаат секои десет метри при градба на тунел и нормално е да се јават проблеми кои треба да се решаваат во континуитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top