| четврток, 6 декември 2018 |

Теорија, практика и парадокс

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

 

(Ниту во времето на Диоген немало толку парадокси)

galijana-kol-diogen

Парадоксот само привидно е бесмислен. Во суштина, тој и тоа како укажува на некаква скриена смисла. Тој е бесшумен download на безбројните инсталациони процеси кои се во тек и траат…

Современите парадокси се толку ненаметливи во своето одглумено лудило на божемна контроверзност, што се повеќе патерица на скриен или исчашен парадокс отколку набилдано „против“ на некое општо прифатено мислење, коешто би врескало за потребата од некаква промена. Тие се гласно тивки.

Да речеме водата за пиење во денешно време.

И покрај тоа што во нашата земја не постојат предиспозиции за загадување на водата како последица од индустриска злоупотреба на реките или езерата (кога фабриките се градат во близина на речни корита или езерски базени користејќи ги како одводни канали за својот отпад), сепак е раширена паранојата за „загадена вода“ по урнекот на високоразвиените индустриски земји каде што веќе нема добра вода, се јаде само генетски модифицирана храна, од типот портокали без семки, и се абортира уште пред да се случи зачнување поради потребите на високоразвиената козметичка индустрија.

Парадокс е дека најквалитетната вода за пиење кај нас е онаа од градскиот водовод. Тоа многу пати го покажуваат лабораториските тестирања на нејзиниот квалитет спореден со многу видови брендирана вода во шише, што може да се купи насекаде низ продавниците. Значи парадокс е што, и покрај тоа што водата се полни во шишиња и на шишето му се става примамлива етикета, таа го нема очекуваниот квалитет. Истовремено, водата од чешма го има неочекуваниот квалитет.

Браво за градскиот водовод, уа за водата во шише!

Најпознатиот парадокс од литературата е оној од романот „Квака 22“ на Јосеф Хелер (објавен 1961), во кој главните ликови се американски воени пилоти, а прикаската се случува за време на Втората светска војна на еден остров на италијанското крајбрежје… Целото дејство во романот се врти околу тоа како војниците се обидуваат да извлечат жива глава, да не загинат, а истовремено да не го извршат чинот на дезертерство, коешто е можеби единствениот начин да се избегне несаканата, а неизбежна смрт. „Кваката“ се состои во тоа што војнициве можат да бидат испратени на отсуство само во случај ако се луди, а за да го побараат отсуството, треба да се здрави (т.е да не се луди)! Квака, навистина.

Ситуација во која некој има потреба од нешто коешто може да го има само доколку ја нема потребата од истото нешто.

Парадоксите на модерните ултиматуми; на пример, за да станеш член на Европската унија, треба да спроведеш реформи иако ти не си во форма… Односно правиш реформа врз непостојна форма, слично како во еден од последните филмови на Полански, овие реформи ги пишува некаков Ghost Writer!

Не дека нешто бликаш од претеран елан за реформизам или не знам каква желба за влез, но подлегнуваш на инерцијата на играта „како првиот, така и вториот“… Парадокс пар екселанс: уште не си влегол, а веќе смислуваш стратегија за излез! Чиста магија.

Сакаш да изградиш црква во земја со исламска вероисповед (може и обратна поставка) и за да не загинеш како маченик во бирократската процедура на вадење градежна дозвола, конвертираш во ислам и парадоксот патем ти станува перманентен линк со деталниот урбанистички план, додека правиш баланс меѓу тоа за кого бијат камбаните, третманот на бурката во француското општество секогаш подготвено на револуција, забраната на минарето во швајцарскиот крајолик и слични попатни парафеномени.

Според типологијата, има милион парадокси, а патолошки најочигледен е оној кога се прави операција на мртов пациент, чисто за да се открие непосредната причина за смртта бидејќи самиот живот е недоволна аргументација за истото. И тоа е единствената операција којашто, без исклучок и во 100 проценти случаи, е успешна. Имено, животот не може да биде причина за смртта затоа што и за самиот живот причината е непозната.

А, тоа е така бидејќи, според еден парадокс од наследното право, „неконзистентните премиси секогаш го прават аргументот валиден“! Има само едно ливче во лотаријата што носи седумка. Разумно е да се верува дека секое ливче не е победничкото бидејќи веројатноста за тоа е многу мала, но е неразумно да се верува дека ниту едно ливче нема седумка.

Крокодилска дилема: ако крокодилот украде дете и вети дека ќе го врати детето ако таткото точно погоди што ќе направи крокодилот, како ќе одговори крокодилот во случај таткото коректно да погоди дека детето нема да биде вратено?

Хотелски парадокс (т.н. Хилбертов парадокс на хотелите „Гранд“): ако еден хотел со бесконечен број соби е полн, тој може да прими уште гости. Бројот на ѕвездичките не е битен, битни се квалитетниот менаџмент и добрата реклама.

Еден обичен берберски парадокс: берберинот ги бричи сите оние коишто не се бричат самите себеси. Дали тој се бричи себеси?

Бракоразводно парничен парадокс; ако мажот ја сака жената повеќе од која било друга жена, дали би се оженил со некоја друга пред или откако жената побара развод од него заради извршена прељуба?

Покајнички парадокс: колку пати човек може да си прости без ниту еднаш да згреши? Во рамките на кој закон и според кои усвоени конвенции се одредуваат координатите на една грешка? Колку нејзината неотповикливост е правопопорционална со предрасудите на убеденоста во тоа дека грешката е грешка затоа што некој мислел дека е, и дека не може поинаку?

Парадокс е кога живеејќи во школката на парадоксот, не се чувствуваш како бисер.

Прашањето на Зенон приспособено на рудниците во јужноафриканската република би изгледало вака: колку брзо треба да трча еден молекул ќумур за да стане дијамант? Во наттрчувањето меѓу Ахил и желката, всушност, се тркаат практиката и теоријата, при што теоретски, желката нема шанси да не пристигне ниту прва ниту последна. Практично, и ако се само двајца учесници, евентуално може да биде втора.

Така е и во парадоксот на поместените граници на стареењето наречен Окинава: штета е да загинеш млад во сообраќајна несреќа, ако на 70 години уште си дете, на 80 си млад човек, а кога на 90 некој те кани да заминеш на небо, му велиш да си оди и да се врати кога ќе имаш 100.

Најнакрај, роденденски парадокс: колкави се шансите двајца во собата да имаат роденден на ист ден?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top