| четврток, 6 декември 2018 |

Институтот „Павел Шатев“: Македонската држава се разнебитува

Овие денови сме сведоци на разнебитување на македонската држава, на уништување на нејзиниот суверенитет и национален идентитет. Не е случаен тајмингот на настаните кои се случуваат од сценариото на политичкиот прогон за партијата ВМРО-ДПМНЕ и денешната посета на преговарачот за името Метју Нимиц, истакна денеска Цветин Чилиманов на трибината на Институтот Павел Шатев.

– Јасно е дека на организаторите на ова сценарио што се случува изминативе неколку години, им се брза што поскоро да ја завршат приказната и идејата за постоењето на македонска суверена држава и да ја стават под контрола и да ја разнебитат политичката партија која што е единствена во моментов, гарант за идејата за независна суверена македонска држава, рече Чилиманов.

Поради тоа, додаде тој, во моментов сме сведоци на правни бламирања, безбедносни закани, притисоци, медиумски хајки, специјално-пропагандни војни на ВМРО-ДПМНЕ и против сите родољубиви Македонци кои изминативе три години застанаа во одбрана на идејата на независна и суверена македонска држава.

– Се соочуваме со едно сценарио кое има сериозен потенцијал да предизвика големи безбедносни импликации во Република Македонија и во соседството, смета Чилиманов.

Според поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Андонов на Македонија и се повторува историјата за самоуништувачки нагон. Порача дека која било политичка опција да биде на власт не смее да ги уништува македонските интереси.

Андонов обвини дека формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е инструмент на СДСМ. Тој праша зошто СЈО не покрене обвинение за случајот „Пуч“. Како што кажа, обвинетите во овој случај се главни организатори на спроведувањето на нелегалното прислушкување, креирање и монтирање на материјалот.

– Ако СЈО одговореше на прашањето преку судска постапка кој го нарачал прислушкувањето, кој го организирал во Македонија и за чии потреби, и каде е грешката во безбедносниот сектор, тогаш ќе дојдевме до следниот чекор, а тоа ќе беше одговор колку се вистинити прислушкуваните разговори, односно т.н бомби, рече Андонов.

Валентина Божиновска рече дека во ова жешко лето со политичката криза се врши политички линч врз најголемата политичка партија во Македонија ВМРО-ДПМНЕ.

– Мислам дека ова 2017 лето господово ќе има толку многу вистини и толку многу историја во која еден ден тие што ќе беседат за македонската историја, ќе беседат за најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, ќе беседат за овој јули и за 30 јуни кога завршува мандатот на СЈО и ќе кажат дека тој конструиран аморфен супститут или една формација измислена специјално за уништување на ВМРО-ДПМНЕ ќе и биде крај затоа што историјата ќе сака да ги одгатне сите начини и поводи како се случувало сценариото за уништување на Република Македонија, истакна Божиновска.

Потсетувајќи на историјата на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година до сега, Божиновска рече дека од 2006 година партијата ја покажала силата и ја збунила левицата.

– Со сите нивни перформанси и голготи кои ни ги подготвуваа и со СЈО, едно не дознаа, а тоа е на кој начин внатре функционира ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ има една матрица внатре која е толку силна и моќна, која има своја пирамида и свој систем кој никој одвнатре неможе да ја препознае, а таа дејствува внатре по принцип на љубов, на слобода, на чистина на сериозна љубов кон матрицата и идеологијата на љубов кон сопствената татковина, тоа е феноменологија на идеологијата која се вика љубов кон сопствената татковина, рече Божиновска и додаде тие остануваат на браникот на историјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top