| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на девет тома на Павел Шатев во Софија

Утре, со почеток во 18.30 часот, во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, ќе бидат промовирани деветте тома со пишаната оставина и документи на македонскиот револуционер, национален деец и државник Павел Шатев, кои ги објавија Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ и Државниот архив на Република Македонија. За делата на Шатев ќе зборуваат: проф. д-р Зоран Тодоровски Предраг Димитровски, Нове Цветаноски и м-р Васко Шутаров.

Деветте тома се насловени: „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“, „Полициско досие (досие УДБА)“, „Записи за нацијата и државата“, „Македонија и балканскиот проблем“, „Македонија под ропство“, „Документи“ и „Заточението во Сахара – Фезан“.

Оставината на Павел Шатев (15 јули 1882, Кратово – 29 јануари 1951, Битола) во најголем дел досега воопшто не беше објавена, ниту во Бугарија, ниту во Македонија, со исклучок на неколку брошури пред Втората светска војна или непосредно по неа. Освен неа во деветте тома е вклучен обемен фонд на документи поврзани со неговиот живот и со неговата дејност.

Биографијата на Павел Шатев е исполнета со богата неколкудецениска револуционерна дејност, но во својот живот се посветил и на публицистиката, новинарството, мемоаристиката и проучувањето на македонската историја, па благодарение на тоа зад себе оставил богата пишана оставина, која, иако се појавува толку доцна по нејзиното создавање и по смртта на Шатев, денес претставува значаен прилог за македонската историографија.

Голем број македонски револуционери и организатори и поддржувачи на македонското револуционерно движење во првата половина на 20 век престојувале и дејствувале во Софија, а и Павел Шатев во неколку периоди од својот живот живеел и дејствувал во Софија.

Тој е непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато во првата половина на 20 век: учесник во солунските атентати во 1903 година; активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО (Обединета); по ослободувањето на Македонија се вклучува во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија, како министер за правосудство, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и сојузен пратеник во Уставотворното собрание на Југославија.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top