| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС ги измами земјоделците, родот на производителите во Росоман им пропадна

Владата на СДС ги измами земјоделците, а ветената помош никаде ја нема. Производителите на праски се оставени на цедило, а над 30 отсто од родот веќе е уништен поради недостигот на реакција од ресорното министерство, изјави денеска на прес-конференција Ванчо Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Залудни се помпезните фотографирања и соопштенија на министерот кога нема конкретни мерки за проблемот. Трпението на земјоделците од Росоман е при крај. Родот за оваа година им пропадна, токму поради неодговорноста и неажурноста на министерот Николовски. Неговите квази мерки се однесуваат на килограм предадена праска, а земјоделците од терен говорат дека откупот или оди со потешкотии или има денови кога воопшто не се откупува, рече Костадиновски.

Тој нагласи дека времето за овие луѓе е скапоцено, бидејќи тие со земјоделие ги прехрануваат своите семејства, а Николовски им нуди парцијални решенија кои немаат никаков ефект.

– Затоа најголем дел од родот оваа година остана несобран, бидејќи на граѓаните повеќе им се исплаќа да го фрлат плодот отколку да го продаваат. СДСМ на земјоделците гледа само како мегдан за правење на политички поени. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повикува владата на СДС да ги прифати нашите предлог решенија. На земјоделците да им се обештетат 100% од штетите од пролетниот мраз и тоа во итна постапка. Дополнително да се обесштетат земјоделците за непогодите од 2016 година кои не се исплаќаа поради ограничувањата во изборниот законик. Под итно да се заложи Владата и министерството да се изнајдат откупувачи и нови пазари за македонските праски, бидејќи според податоците кои ги имаме во моментот, увозот на праски оваа година далеку го надминува извозот на домашното производство, што е погубно за нашите производители на праски. Ја повикуваме Владата заради тешката состојба со овоштарството во оваа година да донесе итни мерки за дополнителна субвенција по хектар од најмалку 50% повисока од редовниот износ, со цел овоштарите да може да ја преживеат оваа година, рече Костадиновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top