| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на фотографии од Љупчо Илиевски кои беа објавени и во „Нешнл географик“

Изложба на фотографии од Љупчо Илиевски насловена „Убавината ја живееме” беше отворена синоќа во Домот на културата „Иван Мазов Климе” во Кавадарци.

Фотографиите се дел од проект реализиран со поддршка од УНДП, во чии рамки се објавени и во „Нешнл географик“, а беа дел и од годишен календар кој го има во 162 држави.

Фотографирани се од регионот на Преспа, за чии убавини, како што рече авторот, знаат малкумина, а може да се говори многу. Таа убавина нему, рече, му дошла како мелем на рана. Ја опиша како тивка, спокојна, убавина која дава мир.

– Прво истражував што се не смеам да пропуштам и морам да фотографирам. Прво што реков беше дека тишината кога сака да се одмори, сигурно оди во Преспа. Таму е едно од петте најстари езера во светот. Во самото езеро има ендемски вид риба, многу раритетната брајчинска пастрмка. Кога ќе застанете и ќе се загледате во таа езерска шир, ќе добиете впечаток дека сте на Франкфуртскиот аеродром. затоа што во секој миг се нешто полетува и слетува. Една бројка достојна за почит, 46.7 проценти од сите видови птици во Европа, се наоѓаат токму на Преспанското Езеро – рече Илиевски во своето обраќање пред присутните.

Тој потсети дека Преспа е сместена меѓу два национални парка, Галичица и Пелистер. Го спомена и Ангелот од Курбиново, предвесник на романтизмот и дело прогласено меѓу трите најубави фрески во светот. Се осврна и на единствениот остров во државата.

– Докажано е дека таму војниците на Самоил одморале после војните. Има значителен број змии, особено водни и по некој поскок. Има дрво наречено фојга кое е единствено и многу раритетно, го има уште во две држави, Грција и Албанија. Преспанскиот дел е трет регион во светот по производство на јаболка. За Преспа уште многу може да се говори, додаде авторот.

Илиевски е роден 1955 година во Прилеп. Од 1984 година хонорарно е вработен во Танјуг, од 1987 до 1993 во МРТВ како фоторепортер и до денес како камерман-снимател.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top