| четврток, 6 декември 2018 |

Насер Селмани – Чувар во национален парк „ЗНМ“

Роден на: 1 мај 1973 година

Образование: УКИМ

Професија: Новинар

 

Завесата се крева, дами и господа, а на сцената стапнува тој – првото перо новинарско, новинарот без рубрика, а со ЗНМ – Насер Селмани. Малкумина го познаваат како новинар, иако логично е на чело на новинарско здружение да стои човек од фелата. И, можеби, е новинар по звање, но, секако, е бизнисмен по професија. Од тие што тргуваат со новинари, манипулираат со термини, седат по политички скутови. Далеку од еснафот, во лулката на СДС.

Човекот што се прослави со приватизацијата на ЗНМ, кое од здружение на новинарите на Македонија успеа да го трансформира во партиска подружница на послушници, е заслужено личност на неделата на „Република“.

Последнава недела на претседателот на ЗНМ му помина работно. Како и секој газда, така и тој оствари неколку бизнис-зделки, а подели и една кривична.

За почеток, се сретна со британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет. И тој како и партијата на која ѝ припаѓа, ќе ги оправа работите во Македонија со помош на меѓународната. На средбата разговарале за мерките што треба да ги преземе новата влада за да се подобри состојбата со – секако погодувате – слободата на медиумите.

Селмани и дружината неделава го посетија и кабинетот на Заев, каде што, исто така, си помуабетиле за слободата на медиумите, и малку за партите.

Сепак, слободата на медиумите изгледа е толку широка, што остава цело море метафори за слободно толкување. Ете, од морето слободни толкувања, метафори, уметнички и други слободи на изразување Селмани застана зад дружината и избра да толкува според степенот на смртност во фигурите. Секако, во духот на црниот хумор што им е хумор само нему и на дружината.

На пример, за некрофилот Тричковски, кого посебно го радува смртта на неистомислениците, ЗНМ на Селмани е шелтер-центар, резерват, национален парк. Таму Тричковски безгрижно си талка меѓу копачот за едните и каналот за другите и хранејќи се со насмевката на Селмани и на блиските, уринира врз херпесите и сифилисот на општеството.

Без згрозување, уметничка слобода е тоа.

Кога истите метафори ги напиша тастатурата на неистомисленикот Тони Михајловски, кој на „Фејсбук“ напиша „Би можел да го убијам Бранко Тричковски и око нема да ми трепне“, „Здружението на новинари на Македонија поднесе барање за кривично гонење до Основното јавно обвинителство против актерот и уметнички директор на Македонскиот народен театар, Тони Михајловски, поради заканите изречени кон познатиот новинар и колумнист Бранко Тричковски“.

Насер смета дека нишанејќи кон Тричковски Михајловски ги повредил членовите 144 и 394 од Кривичниот законик за што се предвидени казни од една до пет години, односно од три месци до три години. За разлика од него, на познатиот новинар и колумнист никогаш, ама никогаш, не му успеало ова од прва погоди во Кривичниот законик. Тој е слободен и уметник.

Чудно како Селмани не побара на Михајловски да му суди преки суд, па на плоштад на гилотина. Чесно – Тричковски во резерват, Михајловски на гилотина.

Гневен на слободното толкување на метафорите на Насер, Александар Пандов кусо порача: „Ниту ќе нѐ уплашите, а уште помалку демотивирате или дефокусирате, напротив сето ова нѐ прави уште по ЕДИНСТВЕНИ во борбата за Македонија и да си знаете дека нема да ви помине! Единствено нешто што можат корисно да направат Насер, Тричко, Геро и друга платеничка орда е да го прифатат предлогот, кој од сите страни им го нудат, а тоа е да земат зелено џамче, по можност од ’скопско‘ и да ни ги бричат“.

Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 251 број на неделникот „Република“, 23 јуни 2017 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top