Ветуваа слобода а воведуваат цензура. Остри критики од Здружението на новинарите на Македонија и од Институтот за општествени науки за предлог Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Предупредуваат дека со законските измени и паричните казни власта сака да ги цензурира и уредува медиумите, што е спротивно на уставот. Реагираат дека Македонија станува целосно заробена држава, а медиумите се во грч. Вака предложеното решение не смее да помине во собрание.
– Актуелниот Закон е совршен пример на илиберална демократија и нејзиниот главен механизам заробената држава, во која извршната власт до толкав степен ги потчинува законодавната и судската, што е практично е единствената власт. Карактеристично за сите илиберални демократии е дека законите премногу се детализираат, што е случај и во овој Закон, со што фактички е сведен на правилник, вели Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ја обвини Владата дека со обидот за воведување на парични казни за неетичко известување на медиумите сака да воведе цензура, која е забранета со македонскиот устав. Алармираат власта да ги тргне рацете од уредувачката политика кај приватните медиуми, зашто за програмата на телевизиите треба да одлучи пазарот, а не политичарите, кои преку казни, дополнително би се офајдиле.
– Ако помине овој член власта во иднина ќе ја утврдува вистината во медиумите, она што според нејзиниот вкус ќе биде лага ќе го казнува со пет илјади евра за медиумот и 1.500 евра за одговорното лице. Овој член од законот ќе има застрашувачки ефекти врз слободата на медиумите и слободата на говорот, ќе ја зајакне постојната самоцензура и ќе ја задуши критиката во медиумите, нагласи претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Новиот предлог Закон со кој се регулира работата на медиумите е веќе скроен. Министерството за информатичко општество го стави на хартија, но без да ги консултира сите засегнати страни.
Главниот акцент е ставен на намалување на политичкото влијание, но со мерки кои отвораат простор за казни врз новинарите и слободата на изразување.
Инаку, ЗНМ во изминативе години беше меѓу најгласните во борбата за слобода во медиумите и немешањето на власта во уредувачката политика. Сега предупредуваат дека Владата практично сака да стави рака врз медиумската содржина и да изигрува главен и одговорен уредник и да им каже на новинарите што е етичко а што е неетичко известување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.