| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски присуствува на самитот на Европската народна партија во Брисел и се сретна со Могерини (ФОТО+ВИДЕО)

 Груевски со партиска делегација утринава во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во Брисел се сретна со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини.

 Централен настан од тридневната посета на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на Брисел е Самитот на Европската народна партија (ЕПП), најмногубројната пратеничка група во Европарламентот, чијашто придружна членка е и ВМРО-ДПМНЕ, а кој се одржа точно напладне.

На овој Самит на ЕПП, кој се одржува во Кралската академија на Белгија, покрај Никола Груевски, присуствуваат и Туск, челникот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани. На него присуствуваше и Ангела Меркел (канцеларка на Германија), како и премиерите Маријано Рахој (Шпанија), Никос Анастасијадис (Кипар), Клаус Јоханис (Романија), Бојко Борисов (Бугарија), Виктор Орбан (Унгарија), Андреј Пленковиќ (Хрватска) и Лео Варадкар (Ирска).

Попладнево, пак, Никола Груевски има закажано билатерална средба со известувачот за Македонија во Европарламентот, Иво Вајгл.

Присуството на настанот со челниците на Европската унија, како и неговите билатерални средби со првите луѓе на ЕУ, Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да го искористат за унапредување на соработката што неговата партија ја има со нив, како и за забрзување на македонските евро-атлантски интеграции, со оглед на тоа што агендата за итно членство на Македонија во Унијата и во НАТО е врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и на неговото раководство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top