Според кажаното на денешната средба на Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов од договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија останало да се договори мал детал и тој би можел да биде потпишан на Илинден кога во Македонија двете државни делегации заеднички ќе го чествуваат Илинден. Заев го опиша денот како „Затворање на поглавјето на национализмот“. Но, што беше спорно од бугарските барања, за што од 2009 до сега и по неколку најави не беше затворен Договорот, кој што требаше да биде базиран врз Декларацијата од 1999. За кои тоа прашања Заев денеска го „затвори“ национализмот.
Прво секако беше барањето за заедничко прославување историските празници, со што Софија се надоврза на реториката за „еден народ во две држави“, односно дека македонската историја е и бугарска, бидејќи не постои македонска нација. Сега тоа Заев со понудата за прослава на „нашата заедничка историја“ на Илинден им го понуди на тацна.
До сега македонската дипломатија на работните средби во Договорот држеше да биде изземена ексклузивноста која Бугарите ја бараа за заедничка историја со Македонија. Всушност, постои испреплетување на историските факти, но не може Бугарија да да бара ексклузивност врз македонската историја до 1944 година. Чествувањето и заедништвото врз македонскиот национален празник Илинден во сите наврати бил прв посочуван празник посакуван од Бугарија.
Вториот момент кој што бугарската страна при изготвување на договорот задира во македонскиот идентитет е негирањето на македонскиот јазик. Тоа што за Бугарите важеше во Декларацијата од 1999 година, формулацијата јазикот „согласно Уставите“ на државите, сега се бара да се преиначи во насока на бугарското негирање на постоење на македонскиот јазик како посебен.
Следна спорна точка за која не се најде решение е македонското инсистирање на симетричност на гаранциите дека „нема да има загрозување и мешање во внатрешни работи“ на другата држава. Со тоа инсистирање, повторно, се контрираше на барањето за асиметрично, ексклузивно барање оваа ставка да важи само за Македонија. Под оваа точка всушност се покрива и делот со малцинствата, односно, се бараше поддршка на бугарскиот став дека не е можно да постои македонско малцинство во Бугарија, согласно нивниот став дека МАкедонците всушност се „создадени“ преку „манипулација на комунистите“. По низата загубени случаи пред меѓународни судови и тоа од бугарски државјани заради негирање на македонското малцинство, Софија вешто го задскрива негираљњето преку ова барање во Договорот кој би требал да обезбеди добрососедство.
Токму во оваа насока, бугарски „Фокус“ пред неколку години ја наведува точката 11 од Декларацијата од 1999 како спорна за Македонија. Таа вели „Двете страни нема да преземаат, поттикнуваат и поддржуваат активности насочени против другата страна, кои имаат непријателски карактер“. Фокус цитираше бугарски експерти дека ако декларацијата е основа за договор, таа треба да се надградува, а не да отпаѓаат точки од неа. Но таа точка всушност е на штета на македонските национални интереси, бидејќи со него Македонија се откажува од правото да ги штити правата и статусот на етничките Македонци кои живеат на бугарска територија
Во тој дел „Фокус“објави дека за Бугарија спорна била точката 5 од Декларацијата вели „имајќи ја предвид географската блискост, двете страни ќе се стремат да создадат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за осигурување на непречено движење на стоки, услуги и капитал. Тие ќе ги поттикнуваат заедничките инвестиции и ќе обезбедат нивна заштита“. Агенцијата потоа анализира дека „Последните години во ниту една продавница нема бугарски производ. Обидите за бугарски инвестиции се пречекуваат недобронамерено; при обид за бугарско учество во приватизацијата на компанија во Битола, бугарските инвеститори биле протерани со штрајк“, коментира Фокус.
Токму заради бројните спорни прашања кои се појавија при изготвувањето на овој Договор, како и по бројните неостварени навестувања за потпишување, како и разликите со претходната времена Декларација, Заев ќе мора да ја објави содржината на Договорот за која денеска најави дека ќе биде потпишана на втори август, Илинден, македонскиот најсветол ден во националната борба за слобода, при посетата на Борисов, на како вели прославата на „нашата заедничка“ историја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.