Четвртфиналистот во Лигата на шампионите, Металург, ќе има екстремно тешка задача да се пробие во највредното клупско ракометно натпреварување и ако добие вајлд-карта од ЕХФ, за што веќе аплицираше. Конкуренти сигурно ќе му бидат една француска екипа, веројатно и претставник од Словенија, а на покана се надеваат и Данците, Швеѓаните и уште неколку тимови од реномирани ракометни школи.
Од Металург се надеваат дека токму ЕХФ ќе им ја олесни работата и ќе му дозволи на актуелниот европски првак Хамбург да ја брани титулата без да игра турнир со учесници кои би добиле вајлд-карта. Токму преку тој систем, Хамбург лани се проби до настап во Лигата на шампионите, а подоцна стана и шампион. Тоа е прв таков случај во историјата на европскиот клупски ракомет. Проблем е што сезонава преку германското првенство Хамбург тешко ќе се избори за директен пласман во ЛШ бидејќи на едно коло до крајот се наоѓа на 5. позиција.
Турнирот со тимови што имаат вајлд-карти досега се играше со 4 екипи, по принципот две полуфиналиња и потоа финале, а само победникот има можност да игра во ЛШ. Со самата апликација за вајлд-карта, авотматски екипите се пријавуваат и за организатори на турнирот од кој само најдобриот ќе има можност да игра со елитата. Благодарение на одличниот рејтинг што го изгради Металург, македонскиот шампион Вардар нема да има главоболки и да игра квалификации, туку ќе биде директен учесник во фазата по групи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.